ВМРО-ДПМНЕ повторно епски утна: Ниту едно црно сценарио не се оствари за струјата и парното греење

Соња ТАНЕСКА

Има струја и има парно. На 15 април завршува грејната сезона, а цената на електричната енергија за домаќинствата не се зголеми, поточно стана поскапа само за оние кои трошат многу. Цената на електричната енергија за малите потрошувачи, за 72.000 компании кои вработуваат 98 отсто од работниците во државата се намали за 20 проценти спротивно на сите прогнози кои доаѓаа од целиот свет.

Во земјава за црното сценарио најмногу навиваше опозицијата. Рестрикции и прогнози дека цената на струјата драстично ќе се зголеми, помеѓу 30 до 40 проценти, за среќа на сите не се случи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како поранешен директор на ЕЛЕМ покрај за струјата ја плашеше јавноста и дека ќе нема доволно гас за грејната сезона и бараше да се купува гас и да се складира за цела зима во време кога овој енергенс беше со највисока цена. Но, сепак цената на гасот драстично се намали и земјава заштеди над 100 милиони евра.

Според оценките на стручната јавност,  Северна Македонија добро се справи со енергетската криза, секогаш може подобро но со оглед на економската моќ на државата, опоравувањето од ковид кризата и влијанието на руската инвазија врз Украина преземени се механизми за изминатава зима да не страдаат пред се социјално ранливите категории, малите компании како и оние кои се прозиводители на основните продукти.

Сепак економистите велат дека во криза е потребно единство и многу е опасно кога се калкулира со информациите, особено со бројките бидејќи кога се работи за основните потреби на граѓаните не треба да се билдаат политички поени, но и доколку се критикува треба да се понудат издражни, брзи и стручни решенија.

Северна Македонија го имаше најголемиот пакет антикризни мерки во регионот, оценет и од Светска банка од над 760 милиони евра.

Во текот на зимата беше обезбедена евтина електрична енергија и за производителите на основни прехранбени производи, за училиштата и стабилизирање на снабдувањето со електрична енергија на основните функции на државата, пред се на здравствениот систем.

Зголемено производство на струја

– Во изминатата 2022 година и подготовките за грејната сезона 2022/2023 година освен што се соочивме со предизвикот да менаџираме две кризи – кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија, за жал се соочивме и со разни шпекулации, црни сценарија и лажни вести од одредени структури во општеството и пред се политички партии. Се шпекулираше дека нема да имаме домашно производство на електрична енергија, дека ќе има крах на целиот енергетски систем, дека ќе има рестрикции, дека ТЕЦ Неготино нема да проработи, дека во РЕК Битола дека нема да се инсталира новиот трансформатор и нема да може да произведува со три блока, дека ќе имаме енормно зголемување на цената на електрична енергија, дека ќе имаме ценовен шок за граѓаните и компаниите, дека град Скопје ќе остане без топлинска енергија и низа други шпекулации, лаги и невистини кои што за среќа на граѓаните се покажаа како невистинити и неточни. Напротив, нашите  граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона – истакна, премиерот на почетокот на април.

Според официјалните информации во изминатиот период беше зголемено и домашното производство на електрична енергија, поточно  АД ЕСМ обезбедило 100 отсто снабдување со електрична енергија, иако по закон требало да обезбеди 60 проценти.

АД ЕСМ паралелно го презеде греењето со топлинска енергија во главниот град. Снабдувањето со топлинска енергија во главниот град е обврска на град Скопје кој е управуван од градоначалничката Данела Арсовска, која всушност беше кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во последниве шест седум месеци успешно се справивме со кризата, немаше зголемување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар, напротив цената за малите потрошувачи од 1 јануари оваа година е намалена за 20 проценти. Немаше никакви рестрикции, никакви испади. Тоа се должи на зголеменото домашно производство на електрична енергија, но исто така имавме и блага зима и тоа секако ни помогна на сите. Тој тренд на зголемување на домашното производство е поизразен и во првите три месеци од годината за вкупните потреби на електрична енергија околу 88,5 проценти ги обезбедуваме од домашно производство, а увозот за целокупни потреби на електрична енергија, не само за регулиран пазар е 11,5 проценти и такви бројки мислам дека немало во последниве 20 години – рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

За цената на електричната енергија на берзата, посочува дека повеќе не е највисока во текот на денот, туку е далеку пониска отколку во периодот во 19 или 20 часот, а по полноќ е уште пониска и затоа постојат драстични промени на берзанските цени и „ја имаме т.н. крива на гуска, којашто е карактеристична за земји каде што има изразено производство од фотоволтаици“.

– Имавме денови каде што цената на електричната енергија во текот на денот беше 1,68 евра за мегават час, имало денови кога било пет или шест евра. Во вообичаен ден е некаде околу 60 евра за мегават час и токму од тие причини кога зборуваме за можноста за воведување на евтина тарифа го гледаме тоа да испратиме сигнал и до ЕСМ и до ЕВН хоум, доколку има потреба, да купуваат електрична енергија токму во периодите кога е драстично пониска, со цел да си ја чуваме водата во нашите хидроелектрани дека подготовките за новата грејна сезона мора да започнат веднаш по завршувањето на оваа, објаснува Бислимоски и додава дека како ќе доаѓа летото вообичаено ќе биде во текот на денот цените да бидат од 20 до 30 евра за мегават час и „апсолутно тоа мора да го искористиме, да не чекаме, да бидеме пред времето, за да немаме потреба од промени на цени за електрична енергија“.

Претседателот на Регулаторната комисија вели дека ја разгледуваат можноста да се воведе евтина тарифа, но доколку сите го применат овој концепт за купување електрична енергија кога е најевтина.

Од друга страна, во однос на тоа дали би можело да има поскапување на струјата објаснува дека тој лично не е приврзаник сега, во овие услови, да има зголемување на цената на електричната енергија, бидејќи постојат „доста отворени можности, кои мора да ги искористиме“.

Северна Македонија е лидер во енергетската транзиција

Според официјалните бројки Северна Македонија веќе е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб. Континуирано расте интересот за инвестиции во обновливи извори.  Само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има изградено и пуштено во употреба нови фототанапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија.

-Фотоволтаиците ја менуваат цената на електричната енергија, која повеќе не е најскапа во текот на денот, туку варира и токму ова треба да го искористат ЕСМ и ЕВН хоум, доколку има потреба, електрична енергија да ја купуваат во периоди кога е драстично поевтина, а јагленот да се чува за зима, рече Бислимоски.

Односно, со овие капацитети од обновливи извори на енергија во кои што дел се изградени и од страна на ЕСМ на старите наоѓалишта на рудникот во Осломеј може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен и Дојран.

Во првите три месеци од годинава се издадени 170 лиценци за фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја, додека пак за целата мината 2022 година имало вкупно 267 лиценци.

Токму затоа  е потребна нова легислатива за можноста за складирање на електричната енергија од обновливи извори на енергија и од страна на државата како и од страна на приватни инвеститори, заклучуваат надлежните.

Ваквата можност се отвори по законските измени во текот на минатото летото, со кои се овозможува на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електрани со моќност од 6 киловати, а на стопанските објекти со моќ до 40 киловати.

Со измени во Законот за градење се поедноставија процедурите, па повеќе не е потребно издавање на одобрение за градење од локалната самоуправа. Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтаици како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори.

Изградбата на фотоволтаици не се случува само во земјата, туку и во целиот регион. Освен тоа, според извештаите компаниите инвестираат во енергетски ефикасни начини на производство.

Сепак тоа што е важно е сега инвеститорите да инвестираат во батерии со цел да имаат производ што ќе трае подолго. Ако производителите на струја од фотоволтаици имаат резерви струја по 19 часот, тоа ќе биде корисно и за компаниите и за граѓаните.

Кој ќе ја користи евтината струја?

Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Ако во 2019-тата имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека пак во 2021 година имало 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати.

Најголем интерес има за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, односно годинава имаат издадено лиценци за 86,8 MW инсталиран капацитет од фотонапонски електроцентрали, додека 6,4 MW се за мали хидроцентрали и 2,5 MW за термоелектроцентрали на биогас, или вкупно се издадени лиценци со предвидено просечно годишно производство на електрична енергија од обновливи извори на електрична енергија на ниво од 95,7 MWh. Овие електроцентрали се приклучени на електродистрибутивната мрежа.

Оваа количина на електрична енергија од над 95 МWh од обновливи извори на енергија гледано во апсолутен износ е и повисока од производството на ХЕЦ Козјак и со истата може да се задоволат потребите за 27.100 домаќинства.

Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто поради енергетската криза и високите цени на слободниот пазар. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто.

Граѓаните можат да користат евтина струја само во текот на ноќта – од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.

Според официјалните извештаи во месец јануари, за првпат во последните 15 години, од вкупните потреби на електрична енергија во Северна Македонија, дури 87% се обезбедени од домашните производствени капацитети, додека само 13% се обезбедени од увоз.

Регулаторната комисија за енергетика ја намали цента на струјата за првите два блока на граѓани, но со враќање на ДДВ-то од 5 на 10 отсто сметките од 1 јануари сметките останаа речиси исти, а тоа се повеќе од 90 проценти од граѓаните.

И малите потрошувачи како фризерници, мали кафулиња и продавници од Нова година добија сметки пониски за 20 отсто.

Евтината тарифа претходно беше 3,99 денари, сега изнесува четири денари. За малите потрошувачи во скапа тарифа изнесува 13,73 денари по киловат-час, а евтината тарифа 10,78 денари.

Со одлука на РКЕ, пак кај домаќинствата кои повеќе штедат се намали цената на електрична енергија и тоа за првиот блок за 4,11 проценти, а за вториот блок пак намалување од 2,95 проценти.

Од друга страна, оние кои трошат повеќе добија зголемена цена. Така, цената на третиот блок се зголемуи за 0,85 проценти, додека за четвртиот е со зголемување за 7,65 проценти.

На пример ако семејство троши 630 киловатчасови скапа струја, сметката од Нова година му е повисока за 1,2 проценти, поточно ако сметката досега ви била 3000 денари, од 1 јануари  е за само 35 денари повисока.

Зелена струја за помало загадување

Оваа година ќе биде првата во историјата во која при производство на струја ќе бидат испуштени помалку штетни гасови во споредба со претходната, што е важен пресврт кон почиста планета и кон остварување на целите од војната со климатските промени, покажува ново истражување на групата за енергетска аналитика „Ембер“.

Обновливите извори, како ветерните турбини и фотоволтаичните ќелии, веќе учествуваат со 12 отсто во глобалното производство на струја и генерираат доволно енергија за да се задоволат целосните потреби на Обединетото Кралство. Заедно со хидроцентралите и нуклеарните централи, од нефосилни извори биле задоволени 39 отсто од потребите за струја во 2022 година.

Првпат во историјата е намалено загадувањето од употребата на јаглен, нафта или гас во електричните централи, а тоа да не е последица на глобална рецесија или на пандемија. Се очекува трендот на намалено загадување да продолжи и во иднина, пред сѐ поради проектираното поголемо користење на обновливи енергетски извори во Кина.

При генерирањето струја се испушта во атмосферата една третина од вкупното количество штетни гасови и електроцентралите најмногу придонесуваат за глобалното затоплување. Во изминатата година особено се засилило користењето на сончевите зраци како извори на струја. Од фотоволтаични ќелии било генерирано доволно струја за да ги задоволи вкупните енергетски потреби на Јужна Африка.

Како загрижувачки фактор е истакнато зголеменото генерирање струја од јаглен, но тоа се смета за инцидентно, поради глобалната енергетска криза.

– Во 2023 година растот на генерирана струја од ветер и сонце ќе биде поголем отколку што ќе биде зголемена побарувачката. Ова е многу важно во контекст на засилената електрификација, имаме повеќе електрични возила и пумпи за греење, па тоа уште повеќе треба да ги намали емисиите на штетни гасови – вели Малгожата Вјатрос-Мотика, главната авторка на истражувањето.

ДДВ-то не се покачува туку се враќа на 18 проценти

Државниот производител ЕСМ за првата половина од оваа година понуди струја по 56 евра за мегаватчас, за кои претходно се плаќаа 48 евра. Оваа цена не зависи од Регулаторната комисија за енергетика, туку ја одредуваат ЕСМ и Владата.

За да го ублажи ценовниот удар од поскапувањето на струјата, владата уште на средината на 2021 година го намали ДДВ од 18 на 5 отсто. Од 1 јули минатата година требаше да се врати на 10 отсто, но владата го продолжи важењето до Нова година. Планот е во текот на 2023 година ДДВ да се врати на претходната стапка од 18 проценти.

Преземено од Градска.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира