Сто дена пред најавеното намалување на квотата за граѓаните на Западен Балкан кои можат да најдат работа во Германија, германските градежници предупредуваат дека ова намалување ќе донесе губење на работни места и ќе им наштети на многу проекти.
Таканаречената регулатива за Западен Балкан им овозможува на работниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија да се вработат и да останат во Германија доколку претходно склучиле договор за вработување со германски работодавач.
Германската влада планира да го преполови годишниот контингент на такви работници од 50.000 на 25.000 од 1 јануари 2027 година.
Централното здружение за градежништво (ZDB) предупреди дека ова би бил тежок удар за таа индустрија, бидејќи таа сочинува околу 30 проценти од работните визи за граѓаните на Западен Балкан. Се нагласува дека ниеден друг сектор не го користи овој преференцијален режим на работни визи толку колку градежништвото.
„На градилиштата, секој седми вработен има странски пасош. За градежната индустрија, тоа е најуспешниот модел за стекнување работна сила и квалификувани работници од трети земји“, рече претседателот на ZDB, Феликс Паклепа.
Тој рече дека Здружението силно предупредува да не се преполови контингентот, бидејќи во спротивно градежната индустрија би можела да остане без 8.000 вработени до крајот на оваа година.
Паклепа истакна дека Федералната влада на Германија дава милијарди евра од посебен буџет за мостови, железници и станови, а воедно ја намалува можноста за пристигнување на луѓе кои треба да ги реализираат тие проекти.
Во соопштението на ZDB се наведува дека бројките зборуваат сами за себе, бидејќи контингентот за 2025 година веќе бил исцрпен на крајот на ноември истата година, а дека другите барања морале да бидат одбиени.
Се додава дека германската агенција за вработување минатата година издала дури 105.000 одобренија, бидејќи поради долгото чекање за визи, барањата одобрени од работодавачите дури не резултираат со пристигнување на работници во Германија.
Ефектот од регулативата, пишува ZDB, е токму она што политичката елита го очекува од легалната миграција: истражувањата покажуваат дека 98 проценти од работниците имигрирани од Западен Балкан навистина работат по договор, а 58 проценти се квалификувана работна сила, специјалисти или експерти, иако тоа не е предуслов.
Затоа ZDB бара од германската влада да не ја намалува квотата и да ја задржи на најмалку 50.000 луѓе, да ја дигитализира и забрза издавањето визи и да ја провери можноста за проширување на слични преференцијални регулативи и во други земји.

