Горивата од полноќ повторно поскапуваат. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 3,47 проценти во однос на претходната одлука од 27 април.
Од 5 мај, од 00:01 часот, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 85 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 87 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС по 93,50 денари за литар. Екстра лесното масло ќе чини 98,50 денари за литар, додека мазутот М-1 НС ќе се продава по 49,720 денари за килограм.
Во однос на претходната пресметка, бензините и екстра лесното масло поскапуваат за 2,50 денари за литар, дизелот за 2 денари, а мазутот за 3,064 денари за килограм.
Од РКЕ наведуваат дека зголемувањето се должи на растот на референтните цени на светските пазари. Кај бензините е регистрирано зголемување од 5,324 проценти, кај дизелот од 2,817 проценти, кај екстра лесното масло од 3,394 проценти, а кај мазутот од 8,305 проценти. Во пресметката е вклучен и повисок курс на денарот во однос на доларот за 0,3444 проценти.
Во новата пресметка се земени предвид намалената акциза за дизелот од 4 денари за литар, намалените акцизи за бензините од 2 денари за литар, како и намалениот ДДВ за ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98.
Регулаторната комисија напоменува дека станува збор за максимални малопродажни цени. Трговците можат да продаваат и по пониски цени, доколку самите одлучат да формираат пониски маржи.