Индустријата повторно во минус: Производството падна за 2 проценти во мај

Индустриското производство во Македонија повторно се врати во негативната зона, откако во мај е забележан пад од 2 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

Со новото намалување практично е поништен позитивниот резултат од април, кога производството порасна за 7,6 проценти. Вкупната слика од почетокот на годината останува неповолна, бидејќи во периодот од јануари до мај индустриското производство е намалено за 0,3 проценти во однос на истиот период во 2025 година.

Податоците покажуваат големи осцилации во домашната индустрија. Годината почна со пад од 6,6 проценти во јануари и 4,2 проценти во февруари. Во март беше регистриран раст од 3 проценти, а во април од 7,6 проценти, но мај повторно донесе намалување.

Главниот товар во мај го понесува преработувачката индустрија, каде производството е намалено за 2,6 проценти. Пад од 3,6 проценти е регистриран и во рударството и вадењето камен. Единствено снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација бележи раст од 6,1 процент.

Најсилно намалување е забележано кај производството на машини и уреди, кое паднало за 12,9 проценти. Производството на електрична опрема е намалено за 7,8 проценти, а кај моторните возила, приколките и полуприколките е регистриран пад од 2,3 проценти.

Послабо производство има и во низа дејности важни за домашната економија, меѓу кои прехранбената индустрија, производството на пијалаци, тутун, текстил, облека, хемиски и фармацевтски производи, метали и метални производи.

Според намената на производите, најголемо намалување од 8,4 проценти има кај нетрајните производи за широка потрошувачка. Капиталните производи се намалени за 3,3 проценти, а трајните производи за широка потрошувачка за 1,1 процент. Раст има кај енергијата и интермедијарните производи.

Дополнителен сигнал за состојбата во секторот се податоците за вработеноста. Во април бројот на работници во индустријата бил намален за 2,3 проценти на годишно ниво, додека во првите четири месеци од годината падот изнесувал 3 проценти.

Иако македонската економија во првото тримесечје оствари раст на БДП од 3,1 процент, индустриските податоци покажуваат дека растот не е рамномерно распределен и дека производствениот сектор сè уште нема стабилна нагорна линија.

Следните месеци ќе покажат дали мајскиот пад е краткотрајна корекција по силниот априлски раст или најава за ново забавување на индустриската активност.

Најчитано