Меџити: Започна уривањето на империјата на брзите кредити

Меџити

Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук порача дека, како што наведе, започнало „уривањето на империјата на брзите кредити“, по одлуката за одземање на лиценцата на компанијата „Credi Yes“ и затворањето на нејзините 40 филијали.

Меџити во објавата истакнува дека борбата против брзите кредити и коцкарската индустрија не била само изборен слоган, туку ветување кое, според него, сега се претвора во конкретна акција.

„Одлуката за одземање на лиценцата на „Credi Yes“ и затворањето на нејзините 40 филијали е јасен сигнал дека времето на недопирливост завршува“, напиша Меџити, додавајќи дека институциите конечно дејствуваат против систем кој, според него, со години ги оптоварувал граѓаните и погодил илјадници семејства.

Тој во статусот обвинува и за постоење на, како што наведува, „моќни интересни групи“, организиран криминал и структури кои се богатат врз грбот на граѓаните задолжени со брзи кредити.

„Оваа борба не запира и од ова ветување не се повлекуваме ниту еден чекор“, порача Меџити.

Лидерот на ВЛЕН во објавата потенцира дека тој и коалицијата ќе продолжат, како што наведува, да стојат во одбрана на граѓаните против финансиската изнуда, зависноста од коцкање и шемите што ги вовлекуваат луѓето во долгови, несигурност и очај.

„Ова е битка за правда и оваа битка ќе оди до крај“, наведува Меџити во објавата на Фејсбук.

Најчитано