Милијарда евра дупка во ПИОМ, Велковски понуди уверување без конкретен план и рокови

ФОТО: 360 степени

На државниот пензиски фонд (ПИОМ) му недостигаат околу една милијарда евра годишно за исплата на пензиите, но министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, и покрај уверувањето дека системот е стабилен, не понуди конкретна пресметка кога и како огромната буџетска зависност ќе се намали.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 беше посочено дека годишниот трошок за пензии достигнува околу 2,4 милијарди евра, додека од придонесите на вработените се собираат приближно 1,4 милијарди. Разликата од околу една милијарда евра се покрива директно од државниот буџет.

Размерот на проблемот е уште повидлив во споредба со 2023 година, кога за покривање на недостигот биле потребни околу 510 милиони евра. За три години буџетската дупка речиси се удвоила, а дел од растот се поврзува и со владините одлуки за линеарно зголемување на пензиите за вкупно 7.000 денари.

Велковски ги потврди бројките и призна дека е создаден дефицит во системот на ПИОМ. Тој го оправда линеарното зголемување со потребата да им се помогне на пензионерите кои живееле со примања од 12.000 до 14.000 денари.

„Таа интервенција беше потребна бидејќи граѓаните, на крајот од денот, треба да имаат квалитетен живот“, рече Велковски.

Како дополнителни причини за состојбата ги наведе иселувањето на работоспособното население, флуктуацијата на работниците и големиот број лица пријавени на минимална плата. Според него, државата сега издвојува околу 60 милијарди денари годишно за да ја дополни сумата потребна за пензиите.

Одговорот на министерот, сепак, главно се сведе на гаранција дека пензиите ќе продолжат да се исплаќаат навреме. Тој не наведе конкретни мерки, финансиски проекции или рок до кога Владата планира да ја намали зависноста на ПИОМ од државниот буџет.

„Државата е гарант и пензиите ќе бидат исплаќани на време“, порача Велковски, најавувајќи чекори и реформи за зајакнување на системот, без да прецизира колкави заштеди би донеле тие и кога би почнале да се применуваат.

Државната гаранција, всушност, не претставува нов извор на пари. Таа значи дека разликата меѓу собраните придонеси и потребните средства ќе продолжи да ја покриваат даночните обврзници, со пари што би можеле да бидат наменети за здравство, образование, инфраструктура или други јавни услуги.

Владата истовремено разгледува „реконструкција“ на вториот пензиски столб и можност граѓаните сами да избираат дали ќе останат само во државниот фонд или ќе уплаќаат и во приватните фондови. Велковски посочи дека се формирани работни групи, но конечните анализи и решенија сè уште не се објавени.

Неизвесност останува и околу следното усогласување на пензиите во март. Министерот потврди дека Владата сè уште нема одлучено дали ќе продолжи со процентуален, линеарен или поинаков модел на зголемување.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?