За едни граѓани пензијата ќе порасне за околу 600 денари, за други за речиси 2.800. Во земја во која повеќе од 129 илјади пензионери живеат со примања до 23.945 денари, математиката на процентите повторно ги носи пензионерите на улица. Но, зад протестите се крие и многу поголем проблем, пензискиот систем секоја година бара сè повеќе пари од државниот буџет.
Денеска пензионерите од Свети Николе протестираа против последното најавено процентуално зголемување од 3 проценти, со порака дека таквиот модел не ја решава разликата меѓу оние со најниски и оние со највисоки пензии.
Со македонската химна и скандирања „Оставка, оставка“, тие порачаа дека трошоците во маркетите и аптеките се исти за сите, без оглед на тоа колкава пензија примаат.
– Нашата борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови, јазот меѓу најниската и највисоката пензија порано беше сооднос 1:4, а денес достигна 1:7, и ќе продолжи да се продлабочува доколку не се задржи линеарниот модел, предупредија тие.
Од септемвриската пензија, која ќе се исплаќа во октомври, пензиите ќе се усогласат за околу 3 проценти. За пензија од 20.228 денари тоа значи околу 606 денари повеќе. За просечната старосна пензија од 29.609 денари – околу 888 денари. За највисоките пензии, пак, зголемувањето оди до речиси 2.830 денари.
Во август пензија примиле 349.334 лица. Од нив, 26.585 пензионери имале пензија до 20.228 денари. Дури 129.480 лица биле во категоријата до 23.945 денари. Тоа значи дека повеќе од една третина од сите пензионери се под ова ниво.
Од другата страна на скалата, пензијата од 94.332 денари ќе порасне за околу 2.830 денари.
Тоа е суштината на спорот околу враќањето на процентуалното усогласување: процентот е еднаков, но номиналниот износ што завршува во паричникот е драматично различен.
Ова не е првпат пензионерите да ја носат оваа тема на улица. Во 2023 година започна бран протести во повеќе градови, со барање за линеарно зголемување на пензиите и подобар животен стандард. Во ноември истата година пензионерите протестираа пред Владата, барајќи линеарно зголемување од 5.000 денари и минимална пензија од 20.000 денари.
Во меѓувреме, политиката се смени. Во 2024 и 2025 година пензиите беа зголемувани линеарно. Во текот на тие две години пензионерите добија вкупно 7.000 денари линеарно зголемување, а потоа системот повторно се врати на законското процентуално усогласување. Во 2025 година прашањето за линеарното зголемување доби и правна димензија. Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите со кои процентуалното усогласување беше заменето со рамномерно зголемување за сите пензионери.
Во образложението Судот го проблематизираше фактот што со линеарното зголемување сите пензионери добиваат ист номинален износ, без оглед на претходно стекнатата висина на пензијата и уплатените придонеси.
Тоа ја отвори другата страна на дебатата: дали еднаквото зголемување е поправедно затоа што им помага повеќе на оние со најниски пензии, или е проблематично затоа што го нарушува односот меѓу пензиите стекнати врз различна основа?
А проблемот не е само висината на пензијата. Проблемот е што со стареењето на населението, бројот на пензионери расте, додека системот во голема мера се потпира на придонесите од актуелно вработените.
На 30 јуни 2026 година имало 350.671 пензионер и 571.855 вработени кои плаќаат придонеси.
Или, поинаку кажано, на еден пензионер доаѓаат само 1,63 вработени.
Државниот завод за ревизија предупреди дека првиот пензиски столб работи со траен негативен финансиски биланс: расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива со трансфери од централниот буџет.
Во 2024 година тие трансфери достигнале околу 690,6 милиони евра. Ревизорите предупредија дека во 2025 година сумата продолжила да расте.
За 2026 година, според објавените податоци, за исплата на пензиите се предвидени околу 116,8 милијарди денари, додека одделни актуелни пресметки покажуваат дека трансферот од централниот буџет за покривање на дупката во ПИОМ достигнува околу 62,8 милијарди денари, односно околу една милијарда евра.
Тоа не значи дека државата „нема една милијарда евра за пензии“.
Значи нешто посуштинско, системот не успева сам со придонесите да ги финансира сите пензиски расходи и за неговото функционирање е потребна огромна буџетска поддршка.
Меѓународниот монетарен фонд во својата анализа за Северна Македонија од 2026 година предупредува дека честите и ад хок зголемувања на пензиите создаваат ризик за буџетската консолидација и за долгорочната одржливост на пензискиот систем.
Фондот проценува дека потребите за финансирање на пензискиот фонд ќе продолжат да растат поради стареењето на населението. Според неговите проекции, само зголемената потреба за финансирање на пензискиот систем би можела да додаде 5,3 процентни поени кон јавниот долг до 2041 година во однос на основното сценарио доколку не се преземат дополнителни мерки.
Истовремено, Владата за 2026 година планира буџетски дефицит од 39,2 милијарди денари, или 3,5 проценти од БДП.
ММФ, пак, предупредува дека без дополнителни мерки приходите би можеле да бидат послаби, а дефицитот да достигне 4,2 проценти од БДП.

