На повеќе од 500 семејства во Македонија веќе им се одобрени ваучери за купување и вградување инвертер клима-уреди за 2026 година, но добивањето на решението не е и последниот чекор. Добитниците имаат рок до 15 октомври да го реализираат ваучерот, а по тој датум стекнатото право повеќе нема да може да се искористи.
Списоците на добитници се веќе објавени од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а станува збор за домаќинства опфатени со Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година.
Тоа значи дека за граѓаните кои се на листите сега почнува најважниот практичен дел од постапката, проверка на електронската пошта, преземање на документите, избор на компанија и навремено купување и монтирање на клима-уредот.
За актуелната мерка има важна разлика меѓу рокот за аплицирање и рокот за користење на веќе доделениот ваучер.
Јавниот повик за 2026 година беше отворен напролет и рокот за поднесување барања заврши на крајот од април. Оттука, во моментов не станува збор за ново аплицирање.
Датумот 5 октомври, кој и натаму може да се сретне во постари информации на интернет, се однесува на повикот од 2025 година.
За семејствата кои сега се најдоа на списоците за 2026 година важи друг датум: ваучерот мора да биде реализиран најдоцна до 15 октомври 2026 година.
По истекувањето на овој рок тој нема да може да се користи.
КОЈ ДОБИ ПРАВО НА ВАУЧЕР?
Мерката за 2026 година опфаќа две групи ранливи потрошувачи.
Првата се домаќинствата во кои живее едно или повеќе лица кои се корисници на надоместок заради попреченост согласно Законот за социјалната заштита.
За нив, при аплицирањето беа утврдени доходни прагови според бројот на членови во домаќинството. Вкупниот месечен нето-доход во 2025 година не смееше да надминува 30.000 денари за едночлено домаќинство, 45.000 денари за две лица, 63.000 денари за три лица и 83.000 денари за домаќинство со четири или повеќе членови.
Во пресметката не се земаше предвид надоместокот заради попреченост.
Втората категорија се домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток до 26-годишна возраст. И кај нив беа поставени доходни критериуми, а посебниот додаток не влегуваше во пресметката на приходот.
АКО СТЕ НА СПИСОКОТ, ПРВО ПРОВЕРЕТЕ ЈА Е – ПОШТАТА
Граѓаните кои се избрани треба најпрво да ја проверат електронската адреса што ја оставиле во својот кориснички профил при аплицирањето.
На таа адреса Министерството доставува решение со кое се потврдува правото на ваучер, записник односно прашалник што треба да се пополни по монтажата и баркод или QR-код преку кој се идентификува ваучерот.
Решението и записникот треба да се испечатат, додека баркодот или QR-кодот мора да бидат достапни при реализацијата.
Следниот чекор е избор на фирма.
Ваучерот не може да се реализира во која било продавница или кај кој било продавач, туку кај правно лице што има склучено договор со Министерството за спроведување на мерката.
Министерството веќе има објавено посебен список со компаниите преку кои може да се реализира поддршката.
Откако корисникот ќе избере компанија од одобрената листа и ќе ја приложи потребната документација, правното лице ја спроведува постапката за набавка и монтажа на инвертер клима-уредот согласно условите на програмата.
По извршената монтажа се пополнува и записникот, односно прашалникот што претходно бил доставен по електронска пошта.
Токму затоа Министерството ги повикува корисниците да не го чекаат последниот ден. Меѓу изборот на фирма, договорот за моделот и терминот за монтажа може да помине време, а 15 октомври е конечниот рок до кој целиот процес мора да биде реализиран.

