Руската влада донесе одлука да ја продолжи забраната за извоз на дизел гориво за домашните производители до крајот на октомври, со официјално образложение дека приоритет останува заштитата и снабдувањето на нивниот внатрешен пазар. Оваа мерка, потврдена преку руската новинска агенција Интерфакс, доаѓа во период на зголемена потрошувачка поради есенската жетва, но и значително намалени капацитети на руските рафинерии кои претрпеа штети од воздушни напади.
Покрај дизелот, руските производители до крајот на идниот месец нема да смеат да пласираат на странските пазари ниту бродско гориво ниту мазут, додека за трговците важи уште построг режим со целосна блокада за извоз на бензин и дизел се до крајот на јануари следната година.
За македонските граѓани и транспортниот сектор, ваквиот потег претставува директна закана за стабилноста на малопродажните цени на пумпите во пресрет на грејната сезона. Дизелот е клучниот енергенс врз кој почива целиот дистрибутивен синџир на храна и основни прехранбени производи, па секој нов пазарен потрес директно влијае на крајната цена во маркетите.
Ефектот од одлуката на Москва веќе се почувствува на глобалните пазари каде дизелот со низок удел на сулфур на лондонската берза поскапе за 3,1 процент, достигнувајќи ниво од околу 1.265 евра за тон.
Освен техничките потреби на земјоделството, зад потегот на Москва стојат и сериозни геополитички условувања насочени кон меѓународната заедница. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јасно посочи дека враќањето на руските деривати на светскиот пазар ќе зависи исклучиво од симнувањето на трговските бариери од страна на западните земји.
„Како рускиот дизел би можел да биде испорачан на меѓународните пазари, тој таму мора да пристигнува без никакви пречки, односно без какви било санкции и ограничувања.“

