Собранието донесе одлука за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со нафта и нафтени деривати за уште шест месеци. Мерката ќе важи до април следната година со цел да се спречат можни нарушувања на пазарот на енергенси во Македонија.
Одлуката на законодавниот дом доаѓа непосредно пред истекот на претходната шестмесечна мерка и има цел да обезбеди стабилност во снабдувањето во пресрет и во текот на претстојната зимска сезона.
Продолжувањето на кризната состојба овозможува активирање на законски механизми и интервенции доколку настанат прекини или сериозни дефицити во испораката на нафтени деривати. Ваквата одлука се носи во услови на континуирани предизвици со високите цени на енергенсите на меѓународните берзи и високата увозна зависност на домашното стопанство.
Како дел од пакетот мерки за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, претходно беа намалени даночните давачки за дел од горивата, вклучително и намалување на ДДВ за дизел горивото и приспособување на акцизите.
Надлежните институции најавуваат континуирано следење на состојбите на пазарот, додека регулаторните тела редовно ги усогласуваат малопродажните цени на горивата врз основа на движењата на светските берзи и курсот на денарот.

