Тетовскиот грав достигнува астрономски цени, а сѐ помалку го има на нивите

грав

На самиот почеток од бербата на тетовскиот грав, неговата цена се движи од 600, па и до 700 денари за килограм, додека ланскиот грав на тетовскиот пазар се продава по 500 денари за килограм. Иако тетовскиот грав е препознатлив за Тетово и за Полошкото Поле, на градскиот пазар во Тетово ретки се тие што го продаваат, бидејќи тој полека исчезнува од тетовските ниви.

„Јас повеќе од 40 години продавам грав на тетовскиот пазар и неговата цена никогаш не била толку висока во однос на другите производи. Гравот од ланската реколта, зборувам за оригинал тетовски грав, сега се продава по 500 денари, додека, пак, гравот што сега веќе почнува да се бере, ми го нудат по цена од 600 до 700 денари. Ова е поради тоа што тетовски грав има сè помалку поради топлото време, како и поради тоа што нема кој да го одгледува. Младите не сакаат да одат на поле, па останаа само постарите луѓе да го сеат, и тоа најчесто произведуваат само за своите потреби, а многу малку за продавање“, вели Узеин, пазарџија на тетовскиот зелен пазар.

Узеин дава и совети како купецот да препознае кој е оригинален тетовски грав, а кој е увезен од странство, а се продава под името тетовски грав.

„Да, на пазаров можете на неколку места да видите вреќи со грав на кои пишува дека тоа е тетовски грав. Но, дали е тоа така, може многу лесно и едноставно да се провери. Ставете ја раката во вреќата со гравот, промешајте малку, а кога ќе ја извадите раката ако на неа има нешто како бела прашина, тогаш бидете сигурни дека тоа не е тетовски грав. Тетовскиот грав не создава таква бела прашина. Тој е чист светол и колку и да мешате во вреќата, вашата рака ќе остане чиста“, советува Узеин.

До пред некоја деценија тетовскиот грав беше еден од најважните и најголеми извозни продукти од Полошкото Поле. Тетовското гравче ја хранеше цела Југославија, а одеше и за извоз. Денес се произведуваат минимални количини, па дури постои опасност тетовскиот грав сосем да исчезне од нашите трпези. Земјоделците велат дека за тоа најмногу се виновни  временските неприлики, односно исклучително топлото време што воопшто не му годи на гравот, но исто така се жалат дека веќе нема кој да работи на нивите бидејќи младите воопшто не се заинтересирани да се занимаваат со земјоделие.

„Секоја година сум садел по 3-4 декари со грав, но сега едвај посадив 2 декара бидејќи е голема суша. Поради исклучително топлите лета, гравот сега треба седум пати да го вадиш за да успееш нешто да спасиш од родот, но и тоа тешко оди бидејќи каналот за наводнување е затворен и нема ред за користење на водата. Порано беше доволно гравот само двапати да го навадиме и добивав 300 до 400 килограми грав од декар, а сега едвај извадив 300 килограми од 2 декара. Поради ова, сѐ повеќе се намалува бројот на производители на грав, а и нема кој да работи, младите не сакаат да се занимаваат со земјоделие, а уште помалку со одгледување на грав“, вели Абдула Муареми од село Теарце.

З. А.

*Статијата е преземена од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?