Граѓаните кои во текот на 2025 година оствариле доход имаат рок до 31 мај да ја проверат, потврдат или коригираат годишната даночна пријава на системот „е-Даночни услуги“. Управата за јавни приходи соопшти дека во законскиот рок, до 30 април 2026 година, биле генерирани вкупно 862.896 годишни даночни пријави за остварен доход во 2025 година.
Секое физичко лице кое остварило доход има обврска да направи увид во пријавата и да провери дали податоците се точни и дали е опфатен целиот приход од претходната година. Доколку пријавата е точна, граѓанинот треба да ја потврди. Ако недостига приход или е внесен неточен износ, пријавата треба да се дополни или коригира.
Известување до граѓаните ќе пристигне и преку лична порака на профилот на „МојДДВ“ или на електронската адреса регистрирана во УЈП. За оние кои оствариле доход во земјава или во странство, а сè уште не се регистрирани на системот „е-Даночни услуги“, УЈП апелира регистрацијата да се направи во најкраток можен рок.
По истекот на законскиот рок, пријавите што нема да бидат потврдени или коригирани ќе се сметаат за конечни. Коригираните пријави дополнително треба да бидат одобрени од службено лице во УЈП, а ако корекцијата не биде одобрена, Управата ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2025 година.
Граѓаните кај кои во пријавата се појавува повеќе платен данок може да поднесат барање за враќање на средствата и да внесат трансакциска сметка. Кај обврзниците кај кои се појавува обврска за доплата, по истекот на рокот ќе се генерира налог за плаќање со фолио број, кој ќе биде содржан во PDF-верзијата на даночната пријава.
Проверката на годишната даночна пријава е важна и затоа што податоците од неа се користат за издавање уверение за остварен доход и може да бидат основа за постапки пред други институции кои одлучуваат за права на граѓаните.