Германија се соочува со сериозен недостиг од даночни советници, професија за која побарувачката расте и покрај сè поголемата автоматизација на пазарот на трудот. Проценките се дека недостигаат меѓу 14.000 и 25.000 вакви стручњаци, а искусните советници можат да заработуваат и повеќе од 8.500 евра бруто месечно.
Германскиот економски институт проценува дека минатата година недостигале околу 14.000 даночни советници, додека професионалните здруженија сметаат дека реалната бројка може да достигнува и 25.000. Професијата веќе се вбројува меѓу десетте занимања со најголем недостиг на квалификуван кадар во земјата.
Една од причините е сложениот германски даночен систем. Сè повеќе граѓани и компании ангажираат советници за даночни пријави, користење олеснувања, инвестиции, финансирање, преземање компании, наследство и реорганизација на бизнисите.
Недостигот од кадар ги турка нагоре и платите. Даночен советник со неколку години искуство во просек заработува околу 73.500 евра бруто годишно, односно приближно од 6.000 до 7.700 евра месечно. Почетниците по положениот стручен испит можат да очекуваат од 48.000 до 59.000 евра годишно, додека искусните кадри во големи ревизорски и консултантски компании заработуваат и повеќе од 8.500 евра месечно.
Највисоки плати има во економски посилните германски покраини, меѓу кои Хесен и Баден-Виртемберг, како и во Хамбург. Околу две третини од германските даночни советници, пак, работат самостојно и имаат сопствени канцеларии, па нивните приходи може значително да се разликуваат во зависност од бројот и видот на клиентите.
За оваа професија не е неопходно кандидатот да има завршено факултет, но патот до лиценца не е едноставен. Германската комора на даночни советници предвидува две главни можности – преку соодветно високо образование или преку стручна обука и повеќегодишно работно искуство, по што задолжително се полага државниот стручен испит.
Кандидатите со економски или правен факултет обично мора да имаат најмалку две или три години релевантно работно искуство. Кај оние што до професијата доаѓаат преку стручна обука, потребниот период на практична работа е значително подолг и во одредени случаи достигнува осум години.
Дополнителниот притисок врз пазарот го создаваат стареењето на кадарот, заминувањето на дел од даночните советници во пензија и постојаното усложнување на даночните прописи. Поради тоа се очекува професијата да остане меѓу најбараните во Германија и во следните години.
