Кубански државјанин кој работел како инструктор по латино танци во Русија е осомничен дека регрутирал луѓе и координирал саботажи и подметнување пожари во најмалку четири земји од Европската Унија, покажува истрага на Дојче веле и три европски јавни сервиси.
Станува збор за Оемис Ромагоса Дурути, кој живеел во рускиот град Петрозаводск и на интернет користел имиња како „Адриан“ и „Диос“. Според истрагата, преку Телеграм и други социјални мрежи објавувал огласи за работа и барал лица со искуство во надзор, разузнавање, логистика и воени активности. На кандидатите им биле нудени 1.500 долари, плус дополнителен бонус за секоја завршена задача.
Истражувачите утврдиле дека во период од четири месеци во 2024 година луѓе поврзани со мрежата добиле задачи да подметнат пожари во две продавници за градежен материјал во Полска, гаража за автобуси во Чешка, објект за рециклирање во Романија и опрема наменета за Украина во Литванија. Не сите планирани акции биле извршени.
Литванското обвинителство јавно ја поврза мрежата со руската воена разузнавачка служба ГРУ и го стави Ромагоса на меѓународна потерница. Според обвинителите, постои основано сомнение дека обидите за саботажа биле организирани по наредба и во интерес на руското воено разузнавање.
Еден од регрутираните бил поранешниот колумбиски војник Луис Алфонсо Муриљо Диоса. Тој првично барал информации за приклучување кон украинската армија, но бил контактиран од лицето што се претставувало како „Диос“ и му била понудена работа на „специјални мисии“ во Европа.
Во јули 2024 година Муриљо пристигнал во Букурешт, каде добил сателитски снимки од објект за рециклирање и нафтен бунар со задача да ги фотографира, а потоа и да предизвика пожар. Бил уапсен пред да ја изврши саботажата, а во 2025 година бил осуден на шест години затвор за обид за саботажа. Тој пред истражителите тврдел дека не знаел за кого всушност работи.
Ромагоса, според истрагата, најмалку седум години живее во Русија, каде предавал салса, бачата и кизомба во студио за латино танци. Во 2022 година се оженил со Русинка и подоцна добил руско државјанство. Истражувачите не успеале да утврдат кога и на кој начин почнал да соработува со руските разузнавачки структури.
Истражувањето покажува поширок модел во кој за саботажни операции се регрутираат лица кои немаат формална разузнавачка позадина, често преку социјалните мрежи и со финансиски понуди. Безбедносните експерти ваквите луѓе ги опишуваат како „потрошни агенти“, бидејќи нивната врска со организаторите е ограничена и лесно може да биде прекината доколку бидат откриени.

