Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мирот не е само отсуство на војна

Луѓето кои работат во насока на промовирање на мирот и ненасилството, особено во овој дел од светот – но не само тука – во реалноста секојдневно се соочуваат со тоа да бидат доживеани, пред сѐ, како припадници на непријателски заедници

Љуан ИМЕРИ

Не толку често луѓето кои живеат во земјите од регионот, а во кои постои практика и наследство на насилство, омраза и страв, и коишто сакаат да ги трансформираат своите општества и својата околина во поправедни и подобри за сите луѓе, добиваат можност да го направат тоа. Понекогаш не знаат како, а понекогаш знаат – ама се плашат.

Ако сакаме да го намалиме насилството и да создадеме поправедно општество, потребно е свеста за невидливиот дел од насилството да продре до поголем број луѓе за да се создаде потенцијал за постигнување промени. Ваквото рационално објаснување е логично и разбирливо за повеќето луѓе. Но, за да дојде до промена на ставовите а потоа до промена во однесувањето, важен елемент на промената претставува личното искуство. Луѓето по правило се најчувствителни за неправда, односно дискриминација, кога лично биле изложени на неа, најлесно го препознаваат она насилство кое го почувствувале на своја кожа.

Сите луѓе имаат блиско чувство за неправда. Така, скоро сите луѓе во секоја ситуација ќе се сложат дека гладувањето на дете е неправда, дека е неправда и протерувањето на семејство од сопствена куќа и спречувањето да се врати во неа итн. Но, во реалниот живот, исти такви неправди се случуваат секојдневно и тоа не предизвикува лутина и револт кај нас, туку често дури и наидува и на поддршка кај некого. Понекогаш не реагираме поради предрасудите, стереотипите, претходните искуства со некои од групата со која ги идентификуваме жртвите и сторителите на насилство, но често (и) поради стравот од спротивставување на сопствената околина, односно на мнозинството.

Луѓето кои работат во насока на промовирање на мирот и ненасилството, особено во овој дел од светот – но не само тука – во реалноста секојдневно се соочуваат со тоа да бидат доживеани, пред сѐ, како припадници на непријателски заедници. Градење мир, покрај другото, значи да научиш континуирано да учиш и да се преиспитуваш најпрво себеси, а дополнително да им дадеш поттик на другите да го пробаат истото.

Формите се најразлични. Една од нив се обуките, односно градење мир преку обуки. Иако, за жал, само неколку организации во регионот останаа доследни во нивната работа сепак некои од нив и денеска, после повеќе од 25 години продолжуваат да работат за градење мир преку обуки како форма на мировно образование и со тоа да ја поттикнуваат и прекуграничната соработка и градење доверба во регионот на поранешна Југославија.

Лично учествувам на вакви обуки секогаш кога ќе ми се укаже можност. За мене овие обуки се предизвик затоа што тука често се сретнуваат луѓето од „непријателската“ група и тоа само по себе вклучува емотивен аспект затоа што во реалноста дијалог со луѓето од другата страна е несекојдневен настан кој најчесто носи со себе и страв од тоа да се биде повреден или да се повреди другиот, а со делумно ослободување од стравот од другиот се увидуваат можности кои пред тоа биле незамисливи. Стравот од другиот е само почеток, како пукнатина во браната која пополека почнува да попушта. 

Обуката најчесто е борба со себе и со другите, но не борба за да се победи, туку за да се разбере, така што ќе се расчепкаат слоевите од предрасуди, стереотипи, митови, стравови од повредување или од отфрлање и со тоа ќе се стекне ново сознание, ќе се овозможи препознавање на човечкото во луѓето кои доаѓаат од „непријателската“ група. А, со новото знаење и сознание човекот се менува себеси и ја препознава потребата да го менува општеството во кое живее кон некое поправедно.

За време на обуките учесниците меѓусебно се запознаваат во атмосфера на соработка и меѓусебно учење. Се поттикнува артикулирање на различни мислења, наместо лажна хармонија. Се создава безбеден простор, а тоа е предуслов што значи луѓето слободно ќе можат да се изразат, да бидат охрабрени да го сторат тоа на конструктивен начин, без да обвинуваат и да се потрудат да ги разберат погледите на другата страна, како и сопствените чувства. Се испитуваат разликите во вредностите и се разговара за чувствителни социјални теми. Се разговара за прашањата што нѐ раздвојуваат во реалноста. Охрабрени од искуството на рефлексија, саморефлексија, дијалог и на соработка со „непријателите“, учесниците честопати не се свесни дека новостекнатите увиди и знаења ќе ги направат почувствителни за неправдата во сопственото постојано опкружување во кое ќе бидат без кругот на поддршка што ја чувствуваат при обуката.

Обуката нема за цел да ги промени луѓето, туку да ги доведе во ситуација тие да ги преиспитаат темелите на сопствените уверувања и на својата општествена улога, ставови и однесувања. Не се наметнуваат ставови бидејќи целта е луѓето да научат да се спротивстават на наметнатите ставови, да се преиспитаат и да препознаат што презеле како готови вистини, а колку вистина тие препознаваат во ставовите кои ги застапуваат.

Целта на обуката е луѓето да се учат да ги разбираат другите и да се разбираат себеси и своите чувства, како и да ја канализираат својата (ре)акција на начин кој не ги загрозува ни нив ни другите. Комуникацијата, разбирањето и трансформацијата на конфликтите се темелен дел на градењето на мир, а конструктивното однесување со наследството од насилното минато е контекстуализација на градењето на мирот, односно негово неопходно поле за дејствување. Целта е дефинирана како процесно определување, а не како конечен резултат, а тоа значи дека се учи тоа дека учењето и преиспитувањето не престануваат,  дека моите „праведни“ решенија или ставови се безвредни доколку не ги доживува така и мојот сосед. Всушност, целта е да се остане буден за да се слушне и да се препознае неправдата и солидарно да се работи на нејзино отстранување.

Моментално има два активни повика за слични обуки. Едниот е регионален повик за Основен тренинг за изградба на мир, а другиот е повик за учесници од нашата земја – тренинг за соочување со минатото и изградба на мир Десет дена Мировна република. Па, ако ти е важно да слушнеш што имаат да кажат другите околу тебе за темите кои обично ги прескокнуваме, ти треба безбеден простор за отворен дијалог, ако си незадоволен/а од реалноста во која живееш и сакаш да ја менуваш, бараш простор, инспирација и сојузници за општествена промена, секако дека можеш да се пријавиш на некои од овие обуки.

Борбата за мир и човекови права бара долгорочна посветеност и истрајност, и ги засега сите. И да, мирот не е само отсуство на војна.

Зачлени се на нашиот е-билтен