СДСМ: Мицкоски ја поткопува средбата со Бугарија уште пред да почне

СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека уште пред средбата со бугарската страна создава атмосфера во која разговорите се осудени на неуспех, наместо да го искористи дијалогот за придвижување на европскиот процес.

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, рече дека по посетата на Урсула фон дер Лајен станало јасно дека македонскиот јазик, култура и идентитет не се доведени во прашање од Европската унија.

Според него, со тоа паднал и главниот аргумент што Мицкоски го користел во изминатите години – дека со претходните договори бил загрозен македонскиот идентитет.

„Фон дер Лајен потврди дека се зачувани македонскиот јазик, култура и идентитет“, рече Жерновски.

Од СДСМ велат дека по посетата на претседателката на Европската комисија е јасно и дека нема нова преговарачка рамка, нови услови или модел со одложено дејство на уставните измени.

Според партијата, на маса остануваат реформите, соработката со Европското јавно обвинителство и уставните измени.

Жерновски го обвини Мицкоски дека токму сега повторно ја отвора темата за историските спорови со Бугарија и ги намалува очекувањата од разговорите уште пред тие да започнат.

„Чудно е да сакате да разговарате со соседот, да го каните на разговор, а однапред да создадете услови тие разговори да пропаднат“, рече тој.

Од СДСМ сметаат дека историјата треба да остане тема за историчарите, а политичарите да се концентрираат на европската интеграција и добрососедските односи.

Партијата дополнително тврди дека власта ја користи темата за Бугарија за да го оправда застојот кон ЕУ. Жерновски изнесе и политички обвинувања дека приближувањето кон Унијата би значело посилна контрола и можност за истраги од европските институции, вклучително и Европското јавно обвинителство.

СДСМ оценува дека средбата со бугарската страна се поткопува уште пред да се одржи и бара Владата да се фокусира на конкретен дијалог и продолжување на европските интеграции.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?