Над 4.500 спорни корисници на социјална помош, меѓу нив починати и иселени

фото: Мета.мк

Повеќе од 4.500 лица биле откриени како спорни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност, тврди премиерот Христијан Мицкоски. Според него, меѓу нив има починати лица, иселени граѓани и корисници кои немале основ да примаат средства.

Мицкоски изјави дека проверките сè уште не се завршени и дека останува да бидат проверени уште околу една петтина до една шестина од корисниците.

„До овој момент имаме повеќе од 4,5 илјади, значи не 45, не 450, туку 4,5 илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, рече тој.

Според неговите податоци, износот за исплата овој месец е за околу 200 милиони денари понизок во споредба со истиот месец минатата година.

Мицкоски проценува дека на годишно ниво за вакви исплати можеле да се трошат меѓу една и 1,5 милијарди денари, а финансискиот ефект од проверките го процени на околу 25 милиони евра годишно.

Засега нема детална официјална структура колку од над 4.500 случаи се однесуваат на починати лица, колку на иселени, а колку на други корисници кои не ги исполнувале условите. Нема ниту конечен извештај од завршената проверка, поради што бројките во оваа фаза се тврдења на премиерот.

Проблеми во контролата на социјалните исплати претходно констатираше и Државниот завод за ревизија. Во ревизијата што го опфати периодот од 2022 до јуни 2025 година беа утврдени слабости во размената на податоци и контролите меѓу институциите.

Ревизорите тогаш утврдија 235 корисници кои истовремено користеле права од социјална заштита и пензија, при што биле неосновано исплатени околу 236.000 евра.

Мицкоски најави дека проверките нема да завршат со социјалната помош и дека слични контроли ќе следуваат и во други системи, меѓу кои го посочи и здравството.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?