Јанис Малукос ги презеде должностите како нов амбасадор на Грција во Северна Македонија, со порака дека ќе работи на продлабочување на билатералната соработка, унапредување на добрососедските односи и зајакнување на пријателството меѓу двете земји.
Во својата прва јавна порака по преземањето на функцијата, Малукос нагласи дека работата на Амбасадата ќе се темели на почитување на меѓународното право и меѓународните договори.
„Заедно со моите колеги во Амбасадата, ќе работам на продлабочување на билатералната соработка, унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји и зајакнување на пријателството меѓу двата народа“, порача Малукос.
Новиот грчки амбасадор ја истакна и поддршката на Атина за европската перспектива на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија.
Според него, европската интеграција на регионот останува траен приоритет на Грција со цел зајакнување на мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
Малукос се заблагодари и за, како што рече, топлото добредојде по пристигнувањето во земјава.
