Кога би се извлекла логиката од суштината на овие природни науки тие би се срушиле како кула од песок, бидејќи логиката и философските концепти се ‘рбетот околу кои се издигаат.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Ќе ја преживее ли Вера Јаневска изјавата дека со укинувањето на предметите етика и логика нема да се спречи формирањето на критичката мисла кај децата, учениците, бидејќи критичка мисла, според неа, многу повеќе се формира преку математика, хемија и други природни науки каде што има мисловен процес, а не учење како кај философија, социологија, етика, логика и други општествени науки.
Кога би имало логика и етика, не би требало да ја преживее. Политички, се разбира. Ако на тоа се додаде дека за една ваква изјава е резултат на мисловна инсуфициенција, како да е нормално од еден таков мисловен капацитет да дојде изјава со која се тврди дека философијата, социологијата, етиката и логиката се науки без мисловен процес.
Ова е навистина навреда за здравиот разум. Па уште доаѓа од министерка за образование и наука.
Прашање е дали вреди на оваа министерка со прекар „политички гаф“ да ѝ се објаснува дека логиката и философските методологии се во основата на сите други науки, вклучувајќи ги и математиката, физиката, хемијата и сите останати природни науки.
Кога би се извлекла логиката од суштината на овие природни науки тие би се срушиле како кула од песок, бидејќи логиката и философските концепти се ‘рбетот околу кои се издигаат.
Затоа министерката треба малку повеќе да употреби мисловен процес за да го разбере тоа што го посочуваат од Инсиитутот за философија при УКИМ.
Институтот инсистира на ставот дека филозофските дисциплини мора да бидат составен дел од гимназиското образование, без оглед на тоа кој концепт ќе биде усвоен. Филозофијата, Логиката и Етиката се основни за развојот на критичкото размислување, етичките вредности и холистичкиот пристап кон светот. Овие предмети треба да бидат задолжителни во гимназиското образование, бидејќи тие го формираат јадрото на образованието и овозможуваат целосен развој на ученикот во интелектуална, морална, социјална, емоционална и физичка смисла.
Ова е втор пат министерката за образование и наука да се скара со логиката и со мисловниот процес. Првиот пат беше оној кога образованието го сведе на учење странски јазици од сапунските ТВ серии.
Потоа таа се извини за тоа што изјавата „не беше најдобро срочена“ и „оставила простор за различно толкување“.
И тоа не е сѐ, туку тоа „го искористиле поединци и политичкиот опонент, кој всушност го доведе образованието во ваква состојба каква што е денес“.
И сега не е јасно каква реакција очекува министерката со изјава во која го порекнува миловниот процес во логиката и етиката и дека критичко мислење се постигнува со математика. Станува збор за истиот избанализиран концепт како кога го сведе учењето странски јазици преку ТВ серии.
Вака спакувана изјава може само да се толкува дека нема потреба од логика и етика само кога ВМРО-ДПМНЕ е во прашање. Па оттаму, како што луцидно укажува еден коментар од стотицата како реакција на оваа намера на МОН – Нема потреба од логика и етика, ВМРО-ДПМНЕ е доволно
Тој коментар послужи и за наслов на оваа колумна.