Трамп: Кој ќе ја добие трката за вештачка интелигенција, ќе ја добие иднината

Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп ја брани забрзаната изградба на дата-центри во САД, оценувајќи дека земјата не смее да ѝ дозволи на Кина да ја преземе предноста во глобалната трка за вештачка интелигенција.

На собир во Вандалија, Охајо, Трамп порача дека дата-центрите носат огромни инвестиции и дека нивното блокирање може да ги пренасочи проектите кон Кина.

„Има многу пари што можат да се заработат за Охајо. Не можете едноставно да ги исклучите. Ќе заминат во Кина“, рече Трамп.

Тој повтори дека САД во моментов имаат предност во развојот на вештачката интелигенција и дека исходот од технолошката трка ќе има многу пошироки економски и геополитички последици.

„Кој ќе победи во вештачката интелигенција – победува“, порача американскиот претседател, опишувајќи ја технологијата како промена поголема од интернетот.

Дата-центрите се клучна инфраструктура за развој и работа на големите модели со вештачка интелигенција, бидејќи обезбедуваат огромна компјутерска моќ. Но нивната експанзија во САД предизвикува сè поголем отпор во локалните заедници.

Главните забелешки се однесуваат на големата потрошувачка на електрична енергија и вода, користењето земјиште и стравувањата дека трошоците за нова енергетска инфраструктура на крајот ќе завршат во сметките на домаќинствата.

Прашањето стана особено чувствително во Охајо, каде дата-центрите се една од темите во кампањата пред ноемвриските избори.

Трамп тврди дека технолошките компании треба сами да ги покриваат дополнителните трошоци што ги создаваат нивните објекти и дека изградбата не смее да доведе до повисоки сметки за струја за граѓаните.

Американскиот Претставнички дом во септември со големо мнозинство усвои законско решение според кое регулаторите треба да разгледаат дали големите потрошувачи, меѓу кои и дата-центрите, треба да ги покриваат дополнителните трошоци за електроенергетската мрежа што се создаваат поради нивното приклучување.

Поддршката за дата-центрите, сепак, останува поделена. Од една страна се милијарди долари инвестиции и технолошката трка со Кина, а од друга растечката загриженост за струјата, водата, земјиштето и влијанието врз локалните заедници.

За Трамп дилемата е едноставна – доколку САД ги ограничат дата-центрите, капиталот и технолошката предност ќе се преселат на друго место.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?