СДСМ: Од патриотизмот на Мицкоски останаа бугарските пасоши, Македонија надвор од ЕУ

СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека по доаѓањето на власт се откажал од најавите за „подобри позиции“ во европските интеграции и дека Македонија останува со блокиран процес кон Европската унија.

Заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, на прес-конференција ги отвори и прашањата за бугарски пасоши и компании регистрирани во Бугарија кај лица поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.

„Каде остана патриотизмот, квази-патриотизмот во редовите на ВМРО или само се тоа бугарските пасоши во нивните редови и фирмите што останаа во Бугарија, а за Македонија и за граѓаните остана блокиран процес“, рече таа.

Од СДСМ потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ пред доаѓањето на власт најавувала враќање на името, раскинување на Преспанскиот договор и обезбедување подобри позиции во односите со Европската унија.

Каранфилова Пановска тврди дека по преземањето на власта реториката се променила и дека Преспанскиот договор, кој претходно бил жестоко критикуван, сега се прифаќа како дел од меѓународната позиција на државата.

Таа се повика и на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за македонскиот идентитет и јазик, како и на ставовите на министерот Тимчо Муцунски за придобивките од членството во НАТО.

Од СДСМ ја посочија и пораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека Македонија има место во Европската унија со својот јазик, култура и идентитет.

Според Каранфилова Пановска, наместо најавените подобри услови, Македонија сега е упатена на билатерални разговори со Бугарија.

„Колку повеќе го одолговлекуваме процесот, позицијата на Македонија ќе се влошува“, рече таа.

Од СДСМ предупредуваат дека продолжувањето на блокадата може дополнително да го оддалечи европскиот процес и да придонесе за продолжување на иселувањето на младите и бизнисите.

Партијата повторно побара Владата да го продолжи процесот на евроинтеграција и да ги исполни преземените обврски за отворање на следната фаза од преговорите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?