Најавата за постепено воведување паметни броила во домаќинствата отвори прашања околу тоа дали замената ќе стане задолжителна за сите и кој ќе го сноси трошокот. Од Инженерите на Република Македонија (ИНРМ) предупредуваат дека масовната замена може да создаде дополнителен финансиски товар за граѓаните.
Реакцијата следува по најавата на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, дека РКЕ подготвува извештај до Владата, по што би можела да започне постапка за набавка и постепено воведување паметни броила.
Овие уреди овозможуваат далечинско отчитување и подетален увид во потрошувачката на електрична енергија. Според најавите од РКЕ, корисниците би можеле во секое време да имаат информации за потрошената струја и за трошокот.
Од ИНРМ, сепак, сметаат дека тоа не е доволна причина сите домаќинства задолжително да ги заменат постојните броила.
„Не се согласуваме и сметаме дека е штетна за граѓаните идејата за задолжително масовно воведување на паметни броила кај сите домаќинства“, наведуваат инженерите.
Според нив, набавката, поставувањето, одржувањето и управувањето со новиот систем би претставувале значителен трошок, кој на крајот може да биде префрлен врз граѓаните преку сметките за струја, мрежарината или преку јавните средства.
ИНРМ се повикува и на Законот за енергетика, според кој, кога потрошувачката не е директно измерена, сметката може да биде изготвена според претпоставена потрошувачка, но најмалку еднаш во три месеци мора да се усогласи со реалната состојба.
Оттаму сметаат дека проблемот со отчитувањето може да се решава и со редовно читање на постојните броила и со почитување на законските обврски.
Инженерите не се против паметните броила како технологија. Според нив, тие имаат практична примена кај просјумери, производители на електрична енергија, корисници на батериски системи и енергетски заедници, каде далечинското мерење и управување со потрошувачката имаат поголема вредност.
Клучните прашања засега остануваат отворени – дали замената ќе биде задолжителна за сите домаќинства, кој ќе ја финансира и дали дел од трошокот ќе заврши во сметките за електрична енергија.
Од ИНРМ порачуваат дека прво треба да се почитуваат постојните законски обврски, а дури потоа да се отвораат нови трошоци за граѓаните.

