Гасот речиси двојно поскапе, РКЕ предупредува на турбулентна грејна сезона

претеравте

Македонија може да влезе во турбулентна грејна сезона доколку високата берзанска цена на природниот гас се задржи, предупреди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Ацо Ристов во интервју за 4ТВ.

Кога РКЕ ги пресметувала цените на топлинската енергија што важат од 1 август, природниот гас бил калкулиран по цена од околу 40 евра за мегават-час. Сега берзанската цена се движи околу 70 до 72 евра, а во одреден период достигнала и 80 евра.

Цената на парното за домаќинствата веќе беше зголемена во просек за 5,96 проценти, но во таа пресметка не е вклучено сегашното ниво на цените на гасот.

Ристов вели дека високите берзански цени засега не се чувствуваат целосно кај компаниите бидејќи грејната сезона сè уште не е започната. Официјалниот почеток е на 15 октомври.

Доколку гасот остане на сегашното ниво и по почетокот на сезоната, компаниите за производство и дистрибуција на топлинска енергија би можеле да побараат нова пресметка на трошоците од РКЕ.

Тоа, сепак, не значи автоматски ново поскапување на парното. Конечната цена се пресметува врз основа на повеќе фактори, меѓу кои оперативните трошоци и просечните цени по кои компаниите го набавуваат природниот гас.

РКЕ размислува и за промена на методологијата за формирање на цената на гасот. Една од опциите е таа да се врзува за референтни берзански цени, слично на начинот на кој се пресметуваат цените на нафтените деривати.

Доколку берзанските турбуленции продолжат, Ристов најавува дека ќе биде информирана и Владата. Како можни мерки ги посочи субвенционирањето или обезбедувањето друг извор за набавка на природен гас.

Дополнителен проблем е што Македонија нема сопствени капацитети за складирање гас и во голема мера зависи од тековните берзански цени.

Според Ристов, долгорочните договори со снабдувачи би можеле да обезбедат поголема ценовна стабилност, а новите интерконектори треба да отворат дополнителни можности за снабдување.

Грејната сезона официјално трае од 15 октомври до 15 април, но може да започне и порано доколку временските услови го наложат тоа.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?