Родителите и семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани побараа поинтензивно судење, со повеќе од десет рочишта месечно, како и јавно образложение за секое евентуално одлагање.
Барањата беа упатени на 50. „Марш за ангелите“, кој во саботата заврши пред Основниот суд во Кочани.
„Не бараме пресуда од улица, туку редовно закажување и одржување на рочиштата“, порача Александар Наунов, татко на загинатата Надица и претседател на здружението „16 Март 2025 Кочани“.
Тој нагласи дека семејствата очекуваат судската постапка да се одвива со засилено темпо и секое одлагање да биде јасно објаснето.
Од Основниот кривичен суд претходно информираа дека од почетокот на судењето биле одржани 49 рочишта, од кои 40 во текот на оваа година, а до крајот на 2026 година се закажани уште 15.
На маршот беа упатени и барања до Обвинителството.
Розета Блажева, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов, побара информации за постапките поврзани со можни неправилности околу работењето на дискотеката, издавањето на лиценцата и постапувањето на институциите.
Таа побара Обвинителството јавно да соопшти кои постапки се водат, против кого, за кои кривични дела и во која фаза се наоѓаат.
Семејствата повторија дека нивното барање не е однапред утврдена пресуда, туку целосно расчистување на случајот и ефикасна судска постапка.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

