Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски и Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска извршија увид во градежните активности на мостот на „Љубљанска“. По години застој, продолжува финалната фаза од поврзувањето на улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, со цел до крајот на оваа година мостот да биде ставен во функција.
– Скопје предолго чекаше, време е да се движи напред! Дадениот збор за мене е обврска. А довербата што ја добив од вас, мојот народ, е одговорност што ја носам секој ден. Да работам, да ги решавам проблемите што со години стоеле заглавени и да испорачувам резултати што ќе ги почувствувате во сопственото секојдневие. За нашиот град, ова поврзување има огромно значење. Нова сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, побрз и побезбеден излез кон обиколницата и растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“. Зад сето ова стои она што им е најважно на граѓаните – помалку време во колони, полесно стигнување до работа и повеќе време со семејството – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Значајно е да се нагласи дека застојот поради потребното мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“ е надминат.
– Со сериозна работа и одговорен пристап, дозволата која моите претходници ја закочија е обезбедена, заштитата на културното наследство е запазена, а градежните активности од денес продолжуваат со засилен интензитет – нагласи Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека се гради современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5.350 квадратни метри. Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, секоја широка по два метра, со вкупна површина од 3.815 квадратни метри, кои ќе овозможат безбедно и удобно движење за сите учесници во сообраќајот. Изградени се потпорни ѕидови од двете страни на булеварот, со 2.050 кубни метри бетон, атмосферска канализација во должина од 473 метри и улично осветлување со 40 столбови, за поголема безбедност и прегледност.
Паралелно, Град Скопје работи и на изградбата на мега парк на површина од 70.000 квадратни метри во Карпош, со партерно и хортикултурно уредување, пешачки патеки, хидрантска мрежа и урбана опрема.
– Создаваме нов простор за прошетки, рекреација и дружење, а продолжуваат и активностите за расчистување на кејот на Вардар. Скопјани заслужуваат уреден кеј и зеленило во кое ќе уживаат сите генерации – рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази голема благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за огромната поддршка и личната посветеност, кој со конкретни дела покажува како се сакаат сопствениот град и државата.- Таа поддршка ни дава сила да ги придвижуваме заглавените проекти и заедно да ги правиме Скопје и Македонија поубаво место за живеење. Скопјани заслужуваат модерен и функционален град. Град во кој се стигнува полесно, се живее поубаво и се гледа дека некој се грижи – истакна Ѓорѓиевски.

