Десетици илјади Шпанци, меѓу кои голем број млади, излегоа на улиците барајќи пониски кирии, поголема заштита на станарите и мерки против шпекулациите со недвижности. Само во Мадрид на протестите во саботата учествувале околу 70.000 луѓе, според податоците на шпанската влада.
Протести се одржаа во околу 50 градови низ земјата. Во Валенсија дојде и до судири со полицијата, која употреби гумени куршуми и солзавец, додека најголемиот дел од демонстрациите поминаа мирно.
Причината е проблем што со години се натрупува – младите сè потешко можат да си дозволат сопствен дом или дури и изнајмување стан.
Во 2025 година, 44,3 проценти од Шпанците на возраст од 26 до 34 години сè уште живееле со родителите. Речиси половина од нив како главна причина навеле дека немаат доволно пари за да купат или изнајмат дом.
Просечната огласена кирија во август годинава достигнала 15,1 евро за квадратен метар, додека цените на становите во вториот квартал од 2026 година биле за 12,2 проценти повисоки отколку една година претходно.
Во Мадрид и Барселона состојбата е уште поизразена. Кириите во овие градови се движат над 22 евра за квадратен метар, а Банката на Шпанија проценува дека на земјата ѝ недостигаат околу 700.000 станови.
Искрата што го запали незадоволството беше иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал од станот во Мадрид во кој живеела околу 70 години. По промена на сопственоста, според здружението на станари, од неа било побарано наместо околу 500 евра да плаќа повеќекратно повисока кирија.
Снимките од нејзиното иселување предизвикаа силна реакција во јавноста и брзо прераснаа во поширок протест против станбената политика.
Под притисок на протестите, Владата на Педро Санчез предложи два итни пакети мерки. Меѓу нив беа продолжување на заштитата од иселување за ранливи станари, продолжување на договорите за закуп, повисоко оданочување на туристичките станови и ограничувања за инвестициски фондови што купуваат станбени објекти.
Но двата декрета во петокот не добија доволно гласови во парламентот. Првиот беше отфрлен со 178 наспроти 172 гласа, а вториот со 184 наспроти 166. Против гласаа Народната партија и Вокс, а поддршка не даде ниту каталонската Јунтс, која оцени дека предложените мерки би можеле дополнително да ја намалат понудата на станови за изнајмување.
Од синдикатот на станарите најавуваат дека протестите нема да запрат и дека ќе разговараат со синдикалните организации за можноста за генерален штрајк.
Станбената криза одамна не е само проблем на најсиромашните Шпанци. Таа сè повеќе го одложува осамостојувањето на цела генерација млади луѓе кои работат, но не можат да си дозволат да се иселат од домот на своите родители.
Токму затоа протестите што започнаа по иселувањето на една 87-годишна жена прераснаа во многу поширок бунт – против цената на домувањето во една од најголемите европски економии.

