Цела Босна и Херцеговина денес на избори

Граѓаните на Босна и Херцеговина денес излегуваат на општи избори на кои ќе се избираат членови на државното Претседателство, пратеници во државниот и ентитетските парламенти, претседател и потпретседатели на Република Српска, како и претставници во кантоналните собранија во Федерацијата БиХ.

Избирачките места се отворени од 7 до 19 часот, а право на глас имаат 3.408.517 регистрирани избирачи.

На изборите учествуваат 7.028 сертифицирани кандидати, од кои ќе бидат избрани вкупно 518 носители на функции.

Гласањето се одвива на 5.569 избирачки места и преку мобилни тимови. Над 48.000 граѓани се регистрирани за гласање надвор од земјата, најголемиот дел по пошта.

Избирачите денес ги избираат тројцата членови на Претседателството на БиХ, 42 пратеници во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание, 98 пратеници во парламентот на Федерацијата, 83 пратеници во Народното собрание на Република Српска, како и претседателот и двајцата потпретседатели на Република Српска.

Во Федерацијата БиХ се избираат и претставници во собранијата на десетте кантони.

Ова се десетти општи избори во Босна и Херцеговина од завршувањето на војната во 1995 година. Изборите се одржуваат во период на продолжени политички тензии, бавен напредок кон Европската унија и незадоволство поради економската состојба и иселувањето.

За првпат на општи избори пошироко се користат и нови изборни технологии, меѓу кои електронска идентификација на гласачите и скенирање на гласачките ливчиња.

Централната изборна комисија очекува првите прелиминарни резултати да бидат објавени вечерва по затворањето на избирачките места.

Изборниот молк трае до 19 часот, кога завршува гласањето.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?