Со музика, аплауз и илјадници тркачи на улиците, утрово започна 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон. Центарот на Скопје уште од раните утрински часови е во знакот на трчањето, а на стартот атмосферата ја кренаа музиката, публиката и позитивната енергија меѓу учесниците.
Годинава на маратонот се пријавени рекордни 15.050 учесници од 63 земји, кои настапуваат на маратонската и полумаратонската трка, штафетниот маратон и трката на пет километри.
Први стартуваа учесниците на трката од пет километри во 8 часот, додека пет минути подоцна од Рекорд тргнаа маратонците, полумаратонците и штафетите.

Колоната тркачи веднаш го исполни центарот на градот, а долж патеката има публика која ги бодри учесниците. На повеќе точки атмосферата ја дополнуваат музика и навивачи.
Маратонската и полумаратонската трка стартуваа од улицата „Димитрие Чуповски“ кај Рекорд, а целта за сите дисциплини е на плоштадот „Македонија“, во близина на Порта Македонија.
Учесниците во маратонот трчаат 42,195 километри, полумаратонците 21,097 километри, додека штафетната трка е поделена на четири делници.
Поради маратонот, утрово во Скопје е воведен посебен режим на сообраќај, а повеќе улици и булевари во Центар, Карпош и Аеродром се привремено затворени или со пренасочен сообраќај.

Скопскиот маратон и годинава донесе една поинаква неделна слика на градот – автомобили има помалку, а главните улици ги презедоа илјадници тркачи од Македонија и од светот.

