Целосно слеп човек, чија состојба е медицински утврдена како трајна и непроменлива, повторно бил повикан на контролен преглед за да се проценува дали и во кој обем му е потребна туѓа помош и нега. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила директна дискриминација врз основа на попреченост.
Лицето од 2018 година користело право на надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем. На последниот контролен преглед, во јануари годинава, стручната комисија оценила дека му е потребна помош во помал обем и закажала нова контрола по 12 месеци.
Токму ваквото постапување било предмет на претставка пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во постапката било утврдено дека лицето е потполно слепо и дека медицинската документација ја определува неговата состојба како трајна и непроменлива. Комисијата не утврдила никакво подобрување или друга промена што би го оправдала намалувањето на претходно признатиот обем на помош.
Дополнително, дијагнозата H54.0 – слепило на двете очи – е опфатена со состојбите кај кои е предвидена постојана потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем.
Комисијата посочува дека и Законот за социјална заштита го вбројува потполно слепото лице меѓу лицата на кои им е потребна туѓа помош и нега во поголем обем.
Клучно за одлуката било и тоа што стручната комисија не објаснила каква промена во здравствената состојба очекува да утврди со нов контролен преглед кај лице чија состојба е утврдена како трајна.
Од документацијата, според Комисијата, не произлегувало ниту медицинско ниту фактичко образложение за различниот третман.
Поради тоа била утврдена директна дискриминација врз основа на попреченост.
На стручната комисија ѝ е препорачано повторно да ја процени потребата од помош и нега, со почитување на законските одредби за целосно слепите лица, но и да преиспита дали воопшто има основа за нови контролни прегледи.
Рокот за постапување по препораките е 30 дена. Доколку тие не бидат спроведени, Комисијата може да побара поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.

