Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Прелетувачи, женете се, само без помпезни зборови, ве молам!

Се плашам дека доаѓа време на дилбери кои за мали пари ќе снимаат политички спотови и ќе лупетаат политички „ридикулизми“, пентерејќи се по хиерархиите на новите партии, а потоа на нивното царство нема да му се види крајот

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Во историјата на парламентарниот живот на Македонија се случувало човек да ја напушти партијата – откако добил сè од таа партија – па отишол во некоја друга и таму си го барал својот, најчесто страшно беден личен интерес. Се случувало, скоро секогаш, таквиот човек својот чин да го „образложи“ многу „силно“ и „принципиелно“: „Мојата, сега веќе бивша партија, ги изневери моите очекувања, а начелната програма за сегашната партија отсекогаш ми лежела при срце. Ова го правам во име на мојата нова партија, во интерес на моите гласачи; ова го правам за својот град“.

Признајте ми, ве молам, колку пати до сега имате слушнато вакви и слични удварачи? Со право одредени граѓани ваквите ги нарекуваат „прелетувачи“. Таквите билмези, најчесто, и таму кај што одат, де во една, де во друга партија, во зависност од контекстот, носат само штета, многу ретко носат некоја позитивна промена. Практично не носат никогаш ништо добро, ниту за партијата во која одат, ниту носат нешто добро за својот град.

Така доаѓаме до нов феномен во нашиот политички живот, што сега ќе го наречеме „феномен на мажачка“. Овој термин не е навредлив – sui generis – само што малку ми влече на пежоративност. Младата невеста не е „девојка за мажење“, туку изгледа како „стара мома“, „очајничка“, која по секоја цена мора да најде нов „младоженец“. Што побрзо тоа подобро.

Оваа појава, се разбира, има свој политички легитимитет. Во политичарскиот систем од „вредности“ врвен успех е да се дојде на власт и остане на власт. Тоа што му смета на добриот вкус е загадувањето на јавната атмосфера и помага опасната магла во медиумите непрекинато да се шири, а во главите на таквите „актери“ кој знае каква конфузија демне.

Ве молам, удварачи, оженете се, само без помпезни зборови!

Само немој да ми ги објаснуваат своите програмски сличности (кои програмски сличности, ајвани едни!) кои се во интерес на граѓаните и државата во целина! Прво, затоа што е страшно глупаво, второ, знаеме зошто пребегуваат. Не пиеме ние нафта, море!

И ако веќе прелетуваат, нека облечат бело, не мора да ни се правдаат со својата невиност, знаеме и тоа дека не се невини. А на ајдуците кои планираат да ги приграбат овие мали и кревки удварачи, нека им е господ напомош!

Се обидов да ви го опишам овој феномен најсликовито што можев. Секој друг и поинаков коментар ми беше бесмислен за опишување. Единствено што не ми беше јасно за која цена се имаат договорено и кои места ги имаат побарано. За тоа ќе почекаме во времето кое ни доаѓа.

Ама, сепак, барем на нас, оние кои не сме од вчера, ни останува горкиот вкус пред призорот од ниска гранки на кои запаѓа „плуралноста“ – која никогаш и не била на високи гранки. Се плашам дека доаѓа време на дилбери кои за мали пари ќе снимаат политички спотови и ќе лупетаат политички „ридикулизми“, пентерејќи се по хиерархиите на новите партии, а потоа на нивното царство нема да му се види крајот.

Добра вест е што во таквите царства ќе има говненциња колку ми сакаш. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира