Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Толковник за соништа

Ниедна гадост повеќе не може да ме изненади. Она кое ме замолкнува или едноставно ме заробува е добрината. Тие ретки, ужасно ретки примери на добрина

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Ајде другари и уште подраги другарки да удриме малку на заебанција. Доста ни е, барем за момент, од македонските фамозни поделби. Сакам да ви кажам дека последниве денови одам на детоксикација од интернет, ама како и сите добри работи на овој мрачен, мачен и бескорисен свет, Габриел (не Пабло!) Ескобар, нашиот генерал-мајор за Западен Балкан, вели нешто од прилика: „готово, ете, без гајле, на сите нивоа ми рекоа дека земјата со име Северна Македонија ќе оди на европскиот пат“.

Овој исказ или изјава, чесна пионерска, пред некој ден ја сонував. И кога се разбудив, не ми беше подобро, напротив, ми беше сто пати полошо. А обично се будам во добро и весело расположение, обично наутро зборувам исто, ако не и повеќе, од вечерта кога сум легнал да спијам.

И ви велам, на трагите на сонот се движам низ ходници и врати, на една врата, од чиста пристојност не надsирам, ами слушам, Ескобар го прашува Мицкоски.

Ќе се движите ли на патот за Европа како вашите претходници?

Их, зарем се сомневатe, господине Ескобар.

Гледам, не ја користите придавката „Северна“. Зошто?

Ги заебаваме оние наши гласачи, знаете и вие колку се лелеави и романтични, многу се слаби на имиња, знамиња и јазици, па не сакаме да ги навредиме.

Какви сега јазици?

Телешки, господине Ескобар, телешки јазици, па ако ми дозволите, би ве однел во една наша позната скопска меана, тамо многу добро ги приготвуваат. Има и телешки чорби, прсти да излижете.

Овој сон, не знам колку долго траеше, можеби цела ноќ или само дел од секунда, веднаш ме разбуди. На вратата од собата гледам јазик, исплазен, на прв поглед ми заличи на франшизата од „Стоунси“ (The Rolling Stones). Ух, си велам, каков е овој бизарен сон, какво е ова време, почнав и јазици да сонувам. Станав, сварив кафе, се покрив со ќебе околу појас и си мислам: што значи овој сон? Ми текна дека немам соновник и морам веднаш да набавам. Во полица ми стои онаа на Фројд – „Толковник на соништа“ – ама таа книга ме плаши, кој знае што може да ископа за мене, па се откажав. Не ми треба тоа.

Мене ми треба некоја тривијалност од типот: ако сте сонувале јазик, ви претстои изненадување на крајот од месецот; голема е веројатноста да јадете прасечко на крајот од месец мај, а веќе на крајот од јуни ве очекува уште едно изненадување: „Порт Луис (Port Louis) ве очекува! Добивате и гратис плажа, традиционална кујна и ноќен живот. Додека ги слушате светските Ди-џеи, а ладовина ви прават високите палми, добивате шарени коктели од рум и локално пиво Феникс (Phoenix)“.

Е, токму тоа ми треба, така си реков на себе додека го испивам кафето целиот збунет од синоќешниот сон.

Утрово отварам „тајм.мк“ и гледам ваков наслов: „Eскобар: Добивме уверување од сите нивоа на партијата ВМРО-ДПМНЕ, ќе останат посветени на Европскиот пат“.

Знаете што, не сум човек кој е склон на цинизам. Напротив, се грозам од претенциозниот цинизам. Ама факт е исто така дека за да се биде жив значи да се нагледаш гадости, и тоа, како што би рекле правниците, „во продолжено траење“. Ниедна гадост повеќе не може да ме изненади. Она кое ме замолкнува или едноставно ме заробува е добрината. Тие ретки, ужасно ретки примери на добрина.

Значи нема повеќе Црни листи за антиамериканизам и корупција, нема повеќе ништо од антиевропејство, нема повеќе ништо од „оние кои не се за плуралност, демократија и слобода за единката“ ќе бидат ригорзно казнети и ставени на Црна листа! Така ли, господине Ескобар, ја менуваме плочата, нели!?

Како што мисли Ескобар, така мислат и провладините медиуми. Тоа плачење, дрецкање и мавање од земја се нарекува медиум. Слично мислат и граѓаните кои ја гласаа Мицковата ВМРО-ДПМНЕ. Слично мисли и Груевски. Додуша, сите овие не мислат, ами следат што ќе каже Ескобар. А Ескобар, како што добриот Бог ни заповеда, така ќе продолжи и Мицкоски на Европскиот пат. Чесна пионерска!

Море какви Црни листи и останати трици и шлајшупки, тоа беше невидена заебанција. Мицкоски ќе си игра топло-ладно со сите; ако му дојде Ескобар (не Пабло, ами Габриел) и го праша: „Дали вие сте за Европа“, овој ќе рече како од пушка: „Апсолутно и непоговорно“. Не е Мицкоски глупав, како што не се глупави ниту странците.

Глупави сме ние, граѓаните, кои на наш трошок и во наше име ќе си играат дрндупка со ставовите и вредностите за кои ги заболе Црвениот бан (за малку не реков „банчиќ“, грешна ми душа)! (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира