Се редат скандали и гафови, а нема ниту 100 дена од преземањето на Власта.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Додека ги гледаме Олимписките игри Париз 2024 се навикнуваме на рекорди кои се редат како на филмска лента, но ништо покусо не е ниту Владата и нејзините скандалозни одлуки и гафови кои за само неколку дена постигнаа „историски“ рекорд.
Во фотофинишот како најголем гаф е оној со именувањето на Афрона Верзиволи за главен ревизор на европските ИПА фондови која нема никакво ревизорско искуство ниту пак има соодветен ревизорски сертификат.
Случајот веднаш им падна во очи на Комисијата за спречување корупција и на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од која порачаа дека сите нови функционери треба да бидат поставени законски и со исполнети критериуми за вршење на функцијата.
Верзиволи ја поставила за главен ревизор на европските ИПА фондови, иако до изборот работела во банка и немала ниту соодветно искуство ниту соодветни сертификати. За тоа место и таа позиција се предвидени строги правила, односно и во договорот за соработка на државата со ЕУ за ИПА фондови стои дека „раководителот треба да поседува соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата за да ги извршува бараните задачи“. Постои и законски услов, а главниот ревизор за ИПА фондови мора да има уверение за стекнато звање од областа на ревизијата.
Најсмешно со овој гаф или скандал, како сакате, е што предлогот за назначување дошол коалицијата Влен, кои пак, наместо да се извинат што сакаа да протнат неквалификувана кандидатка за позицијата, решиле привремено да ја заменат со друг кадар од нивните редови додека Афрона не ја исполни својата обврска да го добие сертификатот.
Не знаеме што ќе им каже Мицкоски на своите коалициски партнери, но најмалку што се очекува си го стави прстот на чело и да се праша со кого си има работа во коалицијата кога му „местат“ вакви кадри.
Секако, второто место во трката со гафови ѝ припаѓа на министерката за образование којашто образованието го сведе на учење странски јазици од сапунските ТВ серии.
Да, потоа таа се извини за тоа што изјавата „не беше најдобро срочена“ и „оставила простор за различно толкување“.
И тоа не е сѐ, туку тоа „го искористиле поединци и политичкиот опонент, кој всушност го доведе образованието во ваква состојба каква што е денес“.
Не знаеме каква реакција очекувала министерката којашто со изјавата го избанализира наставничкиот повик и го сведе на вештина за учење странски јазици со ТВ серии?
Да не треба јавноста да ѝ се извини за недоветноста?
Но, ајде да останеме на забавните аспекти на овие гафови. Ќе навиваме за Афрона колку што може побргу да го добие сертификатот за позицијата за која што се амбицира, а на Јаневска ѝ посакуваме брзо да го најде „волшебното стапче“ за пишување и печатење учебници за да го исполни ветувањето дека за сите ученици, за сите предмети, ќе има учебници.
За еден илјадити дел од секундата, третото место му припадна на Мицкоски или на неговиот ПР тим, сѐ едно. ПР тимот напишал, а Мицкоски потпишал:
„Директорот Бобан Николовски ме извести дека месец јули, Царинската управа бележи рекорд и најдобар резултат од нејзиното постоење со наплатени речиси 12 милијарди денари приходи“.
Со ова Мицкоски несакајќи само ја пофали работата на претходниот директор на царина Стефан Богоев и на неговиот тим, кои го постигнаа трендот на постојан раст на приходите од царинските давачки.
Царинската управа во континуитет бележи раст не само во јули, туку во текот сите претходни месеци и целата последната година. Приходите наплатени од Царинската управа само во првото тримесечје годинава, додека беше Богоев директор, достигнаа 28,7 милијарди денари, што е 1,9 милијарди денари или 7 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.
Тој тренд не можеше да биде поинаков од јуни во јули, дополнително што некои од клучните луѓе од тимот на Богоев сѐ уште беа на претходните позиции, додека во текот на претходниот месец не беа заменети со кадри на актуелната влада.
И во последната анкета на Советот на странски инвеститори, чии резултати беа презентирани во средината на декември минатата година, кога на чело на царина беше Богоев и неговиот тим, токму Царинската управа беше орган од чија работа тие изразија најголемо задоволство.
И последниот, но не помалку смешен гаф е оној на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, за кој јавноста и медиумите добија соопштение дека остварил средба со заменик министерот за земјоделство. Неговиот заменик.
Како што се истакнува во соопштението, тема на средбата биле тековните работи во министерството и добра координација министерството функционира за доброто на земјоделците и граѓаните“.
Се редат скандали и гафови и се надоврзуваат на оние од претходната недела со малата посета на народ на Мечкин камен и со инцидентот на скопскиот аеродром, па претходно со разликите на ставовите на Мицкоски и Николоски со оној на министерката за финансии за Коридорот 8, си договараат во четири очи влез на нов телеком… и да не ги редиме и другите… А нема ниту 100 дена од преземањето на Власта.