Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени во Кумановско, на денешното рочиште во Основниот суд во Куманово призна дека убил три жени и дека стои зад двата обиди за убиство.
Бојковски, кој на претходните рочишта не ја признаваше вината, пред судот повеќепати повторувал дека убил „три баби“, но, според известувањата од судницата, не бил прецизен кога бил прашан за конкретните имиња на жртвите.
Тој тврдел дека мотивот за убиствата биле парите и ги отфрлил наводите на Обвинителството дека делата ги извршувал поради сексуални и некрофилски нагони.
Обвинителството го товари за вкупно четири убиства и два обиди за убиство извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година во Клечовце, Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек.
Според обвинителниот акт, најголем дел од жртвите биле повозрасни и немоќни жени кои живееле сами. Обвинителството тврди дека делата биле извршувани од ниски побуди и со намера обвинетиот да ги задоволува своите полови нагони врз телата на убиените жени.
На денешното рочиште беше презентирано и психијатриското вештачење. Психијатарот Стојан Бајрактаров пред судот навел дека Бојковски бил пресметлив во моментите кога, според обвинението, ги извршувал делата.
Во вештачењето претходно било наведено дека кај обвинетиот се забележани психопатски карактеристики, неконтролирани сексуални и некрофилски нагони, како и отсуство на каење и емпатија кон жртвите. Одбраната бараше да се разгледа можноста тој да биде упатен на психијатриско лекување, додека Обвинителството се спротивставува на таквото барање, посочувајќи дека вештаците го оцениле како пресметлив.
Обвинителот Љубомир Лапе изјави дека Бојковски има право сам да го избере начинот на кој ќе се брани, но посочи дека во текот на истрагата пред јавен обвинител ги признал делата за кои сега се товари.
Според обвинителот, на денешното рочиште обвинетиот не можел јасно да прецизира кое од четирите убиства го негира, а на повеќе вкрстени прашања одговарал потврдно. Обвинителството тврди дека располага и со други материјални докази кои го поткрепуваат обвинението.
Случајот беше откриен откако кај дел од починатите жени дополнително се појавиле сомнежи за насилна смрт. За некои од жртвите биле извршени ексхумации, бидејќи првично биле погребани како да починале од природна смрт.
Во обвинението се опфатени четири убиства – во Клечовце во јануари 2025 година, во Драгоманце во јуни истата година, во Старо Нагоричане во јануари 2026 и во Челопек во февруари 2026 година.
Бојковски е обвинет и за два обиди за убиство во Челопек. Две жени кои ги преживеале нападите веќе сведочеа пред судот.
Поради пропустите при утврдувањето на причините за смртта на дел од жртвите, против двајца мртвопроверители од Кумановско е поднесена кривична пријава, а предметот е преземен од обвинителство во Скопје.
За делата за кои се товари Бојковски, според Кривичниот законик, може да биде изречена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.
Завршните зборови во судскиот процес се закажани за 6 октомври, по што треба да следува пресудата.

