Македонија е изоставена од акционите планови што Брисел ги подготвува за земјите најблиску до членство во Европската Унија, обвини опозицискиот СДСМ. Според партијата, патокази се подготвуваат за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија, со јасни рокови и обврски, додека Македонија, заедно со Србија, Косово и Босна и Херцеговина, е оставена надвор.
„Како земји што не мрднале“, оценува СДСМ, додавајќи дека Македонија била меѓу првите земји што го започнале европскиот процес, но сега повторно чека.
Од опозициската партија причината ја гледаат во, како што велат, неисполнетите реформи од страна на Владата на Христијан Мицкоски.
„Доби рок. Го продолжи за една година. Вети 1 јуни. Од тогаш ни глас“, наведува СДСМ.
Партијата упатува остри критики и за состојбите во правосудството и полицијата, повикувајќи се и на оценките во извештајот на Европската комисија.
„Судство на телефон. Обвинител на далечинско. Полицијата партиска. Извештајот на ЕК катастрофален“, обвинува СДСМ.
Според опозицијата, изоставувањето на Македонија од европските патокази не е случајност, туку последица на политиките на актуелната власт.
„Патоказот не се дава на банда. Се дава на институција“, оценува СДСМ.
Од партијата прашуваат кому му одговара ваквата позиција на Македонија и тврдат дека од изолацијата, според нив, имаат корист „само Вучиќ и Русија“.
СДСМ оценува дека на Москва ѝ одговара Македонија да остане надвор од Европската Унија, како „тампон-зона кон ЕУ“, додека, според партијата, за српскиот претседател Александар Вучиќ земјата би била „отстапница“.
Во соопштението СДСМ директно го обвинува Мицкоски дека е „руски прокси играч“, а за политичките партии и структури кои ги нарекува негови „сателити“ вели дека ја имаат истата задача – Македонија да стои во место.
Посебно се посочува и Левица, за која СДСМ вели дека е „руска партија“, со анти-НАТО, анти-ЕУ и анти-американска политика.
„Трите сили се споија. Цел: земјата да стои во место“, тврди опозициската партија.
Во истата насока СДСМ ја критикува и надворешната политика на Владата кон САД, оценувајќи дека односите со Вашингтон се сведуваат на „слики по ходници, не дела“.
Опозицијата обвинува и за засилено присуство на кинески капитал и за, како што наведува, „Орбанови кредити“, како и за промоција на Кина и кинески проекти преку вицепремиерот Иван Стоилковиќ и „други играчи на БИА“.
Од СДСМ велат дека изолацијата на Македонија не е случајна и дека зад неа стои политичка агенда на актуелната власт.
„Изолацијата не падна од небо. Ја работи кабинетот“, наведува партијата.
СДСМ заклучува дека политиката на блокирање на реформите директно ја оддалечува земјата од ЕУ.
„Кој ги запира реформите, ја запира Европа. Кој ја запира Европа, ја предава земјата за туѓа агенда“, стои во соопштението.
Опозициската партија порачува дека Македонија, како што наведува, не смее да биде „депонија“ или „тампон“, туку „татковина“, а своето соопштение го завршува со политичка порака: „Патоказот ќе дојде кога бандата ќе си оди.“

