Европската Унија во понеделник ќе одобри нов пакет санкции против Русија со кој ќе бидат опфатени дополнителни 150 субјекти и 50 банки, најави францускиот министер за европски прашања Бенжамен Адад.
Гостувајќи на телевизијата ЛЦИ, Адад изјави дека токму Франција го предложила најголемиот дел од новите субјекти што треба да се најдат на црната листа. Тој нагласи дека Унијата ќе продолжи да врши економски притисок врз Москва и да ја поддржува Украина.
Истовремено, францускиот министер ја осуди одлуката на руските власти од средата за забрана за влез во Русија на новинарката на весникот „Монд“ Аријан Шемен, хонорарниот новинар и поранешен дописник од Москва Пол Гого, како и на двајца француски пратеници – Саша Улие и Артур Делапорт.
Според Адад, станува збор за обид за заплашување на кој Франција нема да потклекне, оценувајќи дека новинарите и пратениците само си ја вршат својата работа, особено во борбата против странското мешање.
Претходно, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на платформата Икс објави дека потегот на Кремљ – кој забраната ја претстави како одговор на протерувањето на Ксенија Фјодорова од Франција во јули – само ги потврдил нејзините врски со руските власти.
Фјодорова, поранешна директорка на „РТ Франција“, која потоа стана истакната фигура на телевизијата „Си-њуз“, радиото „Европа 1“ и неделникот „ЖД-њуз“ во сопственост на конзервативниот магнат Венсан Болоре, беше обвинета од француските власти за ширење руски дезинформации.

