Претставници на светските технолошки компании Нвидиа и Леново, како и експерт од екосистемот на ОпенАИ, ќе учествуваат на годишната конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, која ќе се одржи на 18 ноември во Скопје.
Конференцијата, под мотото „Agentic AI – Turning AI into Real Business Value“, ќе биде посветена на новата генерација вештачка интелигенција и можностите за нејзина практична примена во бизнисот, економијата и јавниот сектор.
Меѓу главните говорници е Патриција Сокалска-Помахо, директорка за развој на бизнисот за Централна и Источна Европа во Нвидиа, компанија која има водечка улога во развојот на технолошката инфраструктура за вештачка интелигенција.
На конференцијата ќе се обратат и Маријан Кориенек, директор за корпоративен бизнис за Централна и Источна Европа и Централна Азија во Леново, како и Берат Ќамили, амбасадор на Кодекс во ОпенАИ, кој ќе говори за развојот и пошироката примена на агентската вештачка интелигенција.
Станува збор за технологија која овозможува интелигентните системи да не се ограничуваат само на генерирање одговори и содржини, туку и самостојно да планираат и извршуваат сложени задачи во рамките на деловните процеси.
Конференцијата ќе ја отвори претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, а во програмата е предвидено и обраќање на премиерот Христијан Мицкоски, чие учество сè уште се потврдува.
Една од централните теми ќе биде Националната фабрика за вештачка интелигенција и нејзиното значење за македонската економија. На оваа тема ќе дискутираат министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и деканот на ФИНКИ, професор Петре Ламески, со модерација на Филип Петровски, заменик-претседател на Управниот одбор на МАСИТ.
Во програмата се вклучени и дискусии за примената на вештачката интелигенција во здравството, транспортот и корпоративното работење, со учество на кардиоваскуларниот хирург д-р Жан Митрев, Дарко Пејчинов од ИнВита Хелткер Технолоџис Балкан, Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, и Живко Тофиловски, потпретседател за инженерство во РЛДатикс.
Посебен панел ќе биде посветен на интелигентните услуги, со претставници од КИБС, КаСис и А1 Македонија, додека други експертски разговори ќе се фокусираат на новите бизнис-модели, дигиталната трансформација и организациските промени што ги носи вештачката интелигенција.
Предвидено е и официјално отворање на клиники за вештачка интелигенција, како и практична работилница за влијанието на технолошките промени врз лидерството и управувањето со компаниите.
Од МАСИТ посочуваат дека целта на конференцијата е да се поврзат домашните компании и институции со меѓународните технолошки експерти и да се поттикне користењето на вештачката интелигенција за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и економскиот раст.
Настанот ќе се одржи на 18 ноември, со почеток во 9 часот, во „Парк бај Рагуза груп“ во Скопје. Регистрацијата започнува во 8:30 часот, а во утринската програма се предвидени и изјави за медиумите.

