Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО-ДПМНЕ како фил во бисквит коалиција

Падна првиот дил отстапка и договор со ДУИ за соработка, со што ВМРО-ДПМНЕ си ја презеде улогата да биде „филот“ во бисквит коалицијата на БЕСА, Алтернатива, Алијанса на Таравари, Самоопределување на Курти, Изет Меџити од огнените и ДУИ.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Првата концесија на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ веќе е направена. Интересно било ноќта меѓу 7 и 8 јуни во Собранието кога Мицкоски и неговите челници преговарале со ДУИ да ги убедат дека треба да ги прифатат измените на Законот на организација на органите на државната управа.

Дилот за гласовите што недостасуваа и со кои поминаа измените, е ад-хок комисија во Собранието за правична застапеност. Да се чудиш, да се изначудиш! Прво којзнае што е тоа ад-хок и зошто ваква комисија кога ВМРО-ДПМНЕ беше многу гласна на темата правична застапеност и балансерот во системот за правична застапеност и кога наместо тие инструменти вети дека и во пополнувањето на клучните места во администрацијата ќе се залагаат за мерит системот, односно дека првенствено важно ќе биде стручноста на кандидатите за тие позиции, а не само математичката правична застапеност.

Што мислите, што ќе бара ДУИ од една ад-хок комисија за правична застапеност?

Сега со овој прв договор со ДУИ за соработка, ВМРО-ДПМНЕ си ја презеде улогата да биде „филот“ во бисквит коалицијата на БЕСА, Алтернатива, Алијанса на Таравари, Самоопределување на Курти, Изет Меџити од огнените и ДУИ.

Токму така – Бисквит коалиција со која ВМРО-ДПМНЕ ги обедини сите партии на Албанците во Северна Македонија.

Всушност, ова не е првата отстапка, за да „држи“ бисквитот од оваа коалиција го отстапија и претседателското место во Собранието, иако за време на изборната кампања ветуваа дека носителите на високите позиции, меѓу кои и претседателот на Собранието, кој е втора политичка  фигура во хиерархијата на државата, ќе биде од македонска националност.

Отстапка направија и со коалицирањето со Вреди/Влен, иако ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателот на партијата Николовски го обвинуваше Таравари за политичка корупција.

Сега останува да почекаме и да бидеме сведоци кога ќе следуваат отстапки и за изборните ветувања на Влен (Вреди) дека ќе го „го редефинира уставниот поредок на земјата за да биде еднаква држава на двете мнозински заедници“, дека ќе се залагаат за основање на „академија на науките на Албанците“, дека „ќе се координираат и усогласуваат со властите во Албанија и Косово за „да се унифицира системот и наставните програми со оние во овие две соседни земји“.

Филот за отстапки за бисквит коалицијата ќе треба да го прифати и ветувањето на Вреди дека ќе се залагаат „законот за празниците да ја одразува еднаквоста и целосно да бидат признаени и албанските национални празници“, како и за ветувањето дека „за предметите јазици, книжевност, историја, географија и други поврзани со општеството и културата треба да се користат истите текстови и наставни програми со Албанија и Косово“.

Како и да е, ова е прво соочување на ВМРО-ДПМНЕ со реалноста. Изборите и изборната победничка еуфорија завршија. Одговорноста е преземена, а триковите што веќе започнаа да ги применуваат за да функционира реалната политика, ќе стануваато сѐ попроѕирни и попроѕирни.

Или потемни? Во зависност од „интегритетот“ на филот во бисквитот.

Moже да ве интересира