Андреј Ал-Асади е овогодинешниот добитник на престижната награда за најдобра поема „Григор Прличев“ за делото „Никогаш пред ил’ потем“, избрано под шифрата „Хидаспес“. Наградата, која се доделува во чест на македонскиот поет и преродбеник, е потврда за неговиот извонреден придонес во современата македонска поезија.
Роден во 1996 година во Лондон, Ал-Асади дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е автор на четири стихозбирки: „Midnight Blues“ (2013), „Под дервишовото сиќе“ (2018), „Небесна геометрија“ (2019) и „Секој секому огледало“ (2021), со кои трипати беше финалист за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
Добитник е и на наградата „Енхалон“, а неговите прозни дела, како „Друго минато“ (награда „Новите“, 2018) и „Утрото на бессоните“ (2021), ја дополнуваат неговата книжевна репутација.
Ал-Асади учествувал на значајни поетски фестивали, како „Поетска ноќ во Велестово“, Струшките вечери на поезијата, Светскиот поетски фестивал во Патрас и „Стих у регији“ во Загреб. Неговата поезија е преведена на повеќе јазици, а тој е активен член на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал.
Поемата „Никогаш пред ил’ потем“ едногласно беше прогласена за победник од Комисијата, која ја истакна нејзината оригиналност и лирска сила. Наградата ќе му биде врачена во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, што традиционално се одржува во февруари, по повод годишнината од смртта на Григор Прличев, охридскиот Хомер.