Филмот „Диџеј Ахмед“ на Георги Унковски ја доби наградата од публиката на програмата Светски филм на фестивалот Санденс, како и наградата од специјалното жири за креативна визија.
Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија, Македонија, „Диџеј Ахмет“ ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој открива прибежиште во електронската музика како излез од неговата традиционална средина. Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и самооткривањето на еден тинејџер, поставена на динамична заднина во која се судираат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траело 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и на македонски јазик.
Главните улоги во филмот ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, кои првпат се појавуваат на филмското платно, и Аксел Мехмет. Во другите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други. Кастинг-директор е Киријана А. Николоска.
Инаку, престижниот филмски фестивал Санденс е најголемиот фестивал на независен филм во САД. Оваа година се одржува од 23 јануари до 2 февруари во Парк Сити, Јута.