ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Иванов“ на Чехов во видување на Бузалковска; револуцијата што (не) тече на Жилник; хип-хоп „Црнила ремикс“ во Прилеп, концерт на Ричард Залаи и ONAKOM

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме неколку филмови, театарски претстави и концерт. Гледајте, слушајте…

Театар: Премиера на „Иванов“ од А. П. Чехов во МНТ, во адаптација и режија на Зоја Бузалковска

„Ова е можеби драма на Антон Павлович Чехов во која најпрепознатливо се огледува совремието, зашто го третира проблемот на интелектуалецот заробен во светот на распаднат морал и вредности, на апатија и здодевност, на ситни интереси и исмеани илузии – на еден многу директен, остар и бескомпромисен начин и јазик“, забележува Бузалковска во нејзината драматуршко-режисерка белешка.

Во насловната улога настапува Благој Веселинов, а во претставата играат Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ и Мартин Ѓоргоски.

Преводот од руски јазик го направи Драгица Најческа. Сценографијата е на Бузалковска, Илина Ангеловска и Тодор Дајевски, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а музиката на Давид Ангелевски.

Премиерната изведба е на 26 мај (петок) во 20 ч., а репризата на 27 мај (сабота), во 20 ч. Следниот термин на изведба е на 6 јуни (вторник) во 20 ч.

Драмата „Иванов“ е прво поставено дело на Чехов во театар како драма во четири чина, која ја напишал за десет дена. Премиерно е изведена на 19 ноември 1887 година, во театарот на Фјодор Корш во Москва, а реакциите на публиката биле различни. Чехов прави измени на драмата и ревидираната верзија нуди предзнак на стилот и темите на неговите следни ремек-дела, забележува театрологот д-р Ивана Јарчевска.

Антон Павлович Чехов (1860-1904) се смета за еден од најголемите руски и светски драматичари. Мајстор е кратката расказна форма и на драми. Неговите драми „Иванов“ (1887), „Вујко Вања“ (1889), „Три сестри“ (1901) и „Вишновата градина“ (1904) денес се бисери на руската и на светската книжевност, и повеќе од еден век се поставуваат во сите светски театри.

Актуелната поставка на драмата „Иванов“ е втора поставка на истоимената драма во МНТ. Првата премиерно е прикажана на 25 октомври 1984 година, во режија на Бранко Ставрев.

Филм: „Рани трудови“ на Желимир Жилник и документарец на Јанко Баљак

Со проекција на култниот филм „Ради трудови“ (Rani radovi) на Желимир Жилник на 31 мај (среда), со почеток од 21 часот, Кинотеката го отвора Летното кино. Следната вечер, на 1 јуни (четврток), во 21 часот ќе биде прикажан и документарецот „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак, посветен на овој анфан терибл и еден од најангажираните творци на ексјугословенската кинематографија. Жилник и Баљак ќе присуствуваат на проекцијата и публиката ќе има прилика да разговара со нив.

Жилник на снимањето на „Рани трудови“

Прочуениот студентски бунт од јуни во Белград веќе бил „спакуван“ во извонредниот десетминутен документарец „Јунски движења“ (Lipanjska gibanja), и Жилник со неговите најблиски соработници Бранко Вучиќевиќ како сценарист и Карпо Аќимовиќ Година како директор на фотографија заминуваат во калта и пустелијата на Војводина за да ја снимат новата политичко-естетска револуција – „Рани трудови“. Во филмот играат Миља Вујановиќ, Богдан Тирнаниќ, Чедомир Радовиќ, Марко Николиќ и Слободан Алигрудиќ.

Во „Рани трудови“ на алегоричен начин се прикажани неколку млади учесници во студентските демонстрации, одржани во јуни 1968 година во Белград: тројца момчиња и девојката Југослава се спротивставуваат на малограѓанското секојдневие. Во желбата да го „променат светот“, а инспирирани од текстовите на Карл Маркс и Фридрих Енгелс во младите години (подоцна најчесто објавувани под насловот „Рани трудови“), тие одат низ селата и фабриките, за да ја „разбудат свеста“ на луѓето и да ги охрабрат во борбата за еманципација и достоинствен живот.

Во текот на нивната работа, тие се соочуваат со примитивизмот и бедата, но и со сопствените ограничувања, слабости, немоќта, љубомората. Фрустрирани што планираната револуција е неостварена, трите момчиња одлучуваат да ја елиминираат Југослава, која е сведок на нивната неспособност. Пораката на крајот од филмот е сентенцата на Антоан де Сен Жист од Француската револуција: „Оние кои револуцијата ќе ја изведат само до половина, само си го копааат својот гроб.“

Во 1969 година, филмот ја добива Златната Мечка на Берлинскот филмски фестивал „…заради предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за случајната брилијантност со која ги хуманизира политичките апстракции и ја прави драмата модерна по својата форма и содржина…“.

„Журнал за Желимир Жилник“ од 2021 година е документарец за филмското и ангажираното творештво на Жилник, а истовремено претставува и патување низ историјата на Југославија. Со својот специфичен докудрама стил, Жилник успеал да остане ангажиран, храбар и пред сè креативно слободен, работејќи главно ниско-буџетни проекти.

Сцена од „Журнал за Желимир Жилник“

Жилник, како еден од главните протагонисти на југословенскиот филмски „црн бран“, не еднаш бил соочен со цензури, осудувања, отфрлања, забрани. Филмот на Баљак е приказна за неговата непрекината борба на обесправените општествени малцински групи да им даде глас.

Театар: Гостување на претставата „Црнила ремикс” на МТФ „Војдан Чернодрински” во Прилеп

Во чест на Коле Чашуле, годинешниот автор во фокус на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, претставата „Црнила ремикс” гостува во Прилеп на 27 мај (сабота) на Могилата на непобедените.

Оваа изведба е подарок од МТФ „Војдан Чернодрински” за својата публика во Прилеп.

„Црнила ремикс“ (продукција на МКЦ – Скопје ; премиерна изведба во 2018 година) е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на „Зад аголот“ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп суп- културата“, се наведува во рекламниот материјал за претставата. Идеја и режија: Јордан Симонов; Музика и препев: Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад аголот“);
Улоги: Луков: Стефан Вујисиќ; Фезлиев: Александар Михајловски; Иван: Владимир Петровиќ; Методи: Горан Ников; Младичот: Ненад Анѓелковиќ; Неда: Сања Арсовска (алтернација Емилија Мицевска); Христов: Павле Димковски;
Асистент на режисерот: Виктор Рубен; Сценограф и костимограф: Илина Ангеловска; Видео: Милан Блажевски и Борис Таковски; Дизајнер на тон: Симон Кипровски; Дизајнер на светло: Илија Тарчуговски; Графички дизајн: Бисера Михајловска; Фото: Кире Галевски; Продуцент: Русе Арсов

Концерт на Ричард Залаи и ONAKOM  

Унгарскиот музичар, продуцент и пијанист Ричард Залаи (Richard Zalai) е маестро на продирачката атмосфера, мултинструменталист кој без напор маневрира низ шума од комлексни звуци. Залаи го гради својот музички израз на амбиенталната музика врз класична срцевина, која овозможува патување во себството и истражување на нашето најдлабоко јас.

„Неговата музика содржи полнокрви хармонии и инструменти, кои креираат комплексен музички феномен, како виножито во природа” – посочува „Lángoló gitárok”, музички блог во Унгарија.

Музиката на Залаи и неговиот еклектичен вкус му дозволува да создаде широки звучни пејзажи кои комбинираат винтиџ елементи со модерен печат., со едноставна цел – да направи публиката да доживее музички оргазам. Своето прво EP го издава во 2021 година, за британската издавачка куќа nieko.

Пред Залаи ќе настапи артистот ONAKOM. Тамаш Бирињи (Tamás Birinyi) е графички и визуелен уметник кој работи под псевдонимот ONAKOM. Како визуелен диџеј, Тамаш соработувал на мноштво музички проекти, додека од 2020 година и самиот почнува да создава музика. Неговите мрачни, повеќеслојни слики сега се дел и од неговата вонземска музичка подлошка. Чудната атмосфера која ONAKOM Ја создава со неговите надреални музички пејзажи, не носат длабоко во еден утопистички свет, туркајќи ги границите на експерименталниот звучен дизајн, downtempo музиката и басовите.

Концертот е реализиран во рамки на платформата Liveurope. #LIVEUROPE e првата Паневропска иницијатива која ги поддржува напорите на концертните сали во промоцијата на надоаѓачки европски артисти, и мрежа која е ко-финансирана од програмата на Креативна Европа.

Концертот на Залаи и ONAKOM е на 27 мај (сабота) во 21 ч. во кино „Фросина“ (МКЦ).  

(Избрал: С.С.)

Треба да знаете
Moже да ве интересира