Институционална делегација составена од претставници на Европските престолнини на културата – 2025, вклучувајќи го градоначалникот на Горица (Италија), Родолфо Ѕиберна, градоначалникот на Нова Горица (Словенија), Само Турел и директорката на проектите на ЕПК во градот Кемниц (Германија), Џозефин Хаге, денес учествуваше на еднодневни институционални состаноци и активности во Скопјe. Целта беше да се споделат постигнатите резултати и да се обезбеди експертиза и споделување искуства за поддршка на градот Скопјe кој е назначен за Европска престолнина на културата за 2028 година.
Посетата е дел од поширока рамка на соработка и размена, насочена кон споделување на најдобри практики, организациски модели и стратешки визии што им овозможија на Горица и Нова Горица заеднички да ја добијат титулата во 2025 година, како прв пример за прекугранична европска престолнина на културата.
За време на институционалниот состанок кој се одржа во Градот Скопјe, а потоа на воведната сесија на техничката работилница, наменета за културни оператори од Северна Македонија во Europe House, градоначалникот Родолфо Ѕиберна ја нагласи стратешката вредност на проектот Европска престолнина на културата како скапоцена алатка за урбана, културна и социјална трансформација.
„Патот до Европската престолнина на културата (ЕПК) не е само пат до целна линија, туку и длабок процес на раст и осознавање на една заедница“, рече тој. „Во случајот со Горица и Нова Горица, ја трансформиравме границата што со децении претставуваше поделба, во простор за соработка и средба. Ова е вистинското европско наследство што сакаме да го споделиме со Скопје, денес.“
Градоначалникот Ѕиберна, исто така, нагласи како титулата ЕПК претставува конкретна можност за зајакнување на чувството на европска припадност и промовирање на локалните култури, во нивната препознатлива автентичност и територијалните квалитети на отворен и инклузивен начин: „Искуството на Горица и Нова Горица, преку проектите имплементирани под слоганот „GO! Borderless 2025“ (ГО! Без граници во 2025), покажува дека културата може да стане извонредна алатка за надминување на бариерите, градење дијалог и генерирање одржлив развој. Се надеваме дека Скопје ќе се впушти во ова патешествие со амбиција, целосно ангажирајќи ги своите граѓани, институции и културни субјекти.“
Денот продолжи со техничка работилница помеѓу делегациите, составени од раководни лица и членови на организациските комитети на проектите ЕПК 2025 со организацискиот тим на „Скопје 2028“. Денот ќе заврши со отворањето на фотографската изложба „ИНСПИРАЦИИ“ во Музејот на Град Скопје. На изложбата, која ќе биде отворена за јавноста до 26 април, ќе може да се видат слики од Европските престолнини на културата за 2025 година кои ја прикажуваат трансформативната моќ на културата како двигател на урбаниот развој, дијалогот и изградбата на заеднички европски идентитет.
Посетата претставува понатамошен чекор во зајакнувањето на односите меѓу европските градови вклучени во програмата ЕПК и ја потврдува активната улога на Горица, Нова Горица и Кемниц, и воопшто на земјите од Европската Унија, во промовирањето на вредностите на соработката, дијалогот и европската интеграција.