Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска Стојчевска: Да им ги отвориме перспективите на младите и да ја внесеме #МКвоЕУ

„На Меѓународниот ден на младите, уште еднаш потврдуваме дека тие се двигатели на движењето напред, идните лидери и предводници на успесите на нашата држава“, напиша на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска по повод Меѓународниот ден на младите што се одбележува денеска.

Министерката за култура уште пишува дека „младите ја имаат страста и храброста да зборуваат гласно и одлучно за промените кои оваа генерација политичари мораме да ги заокружиме со единствена цел – подобар, поквалитетен и европски живот, тука во нашиот македонски дом“.

„Таа енергија, авангарда, па дури и непослушност, е суштината на нивниот идентитет и код на нивната креативност. И токму затоа заслужуваат да им го обезбедиме сиот потребен простор за да се изразат. Во природата на младинскиот дух е освојување и пополнување на јавниот културен простор“, истакнува во својата објава на социјалните мрежи Бисера Костадиновска Стојчевска.

Таа нагласува дека се обврзува пред младите дека Министерството за култура ќе продолжи да ослободува и оспособува јавни простори за нивните „субверзивни“ креативи како најдобар начин да го слушнеме, разбереме и уважиме младинскиот глас за подобра иднина.

„Еден од хоризонтите на таа иднина е Европската Унија и ние со ништо не смееме да им ја попречиме оваа јасна цел на младите. Секој политичар, сите на кои им важи зборот во општеството, сите имаме обврска да им ги отвориме перспективите на младите и да ја внесеме #МКвоЕУ затоа што тоа е нивното природно место, меѓу своите европски врсници“, напиша на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска по повод Меѓународниот ден на младите.

Зачлени се на нашиот е-билтен