Љутков манипулира, ниту еден лекторат по македонски јазик не е отворен по негова заслуга

Македонски
Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка

Без оправдани и разумни аргументи на нападите на кој беше изложен на надзорната расправа „Нефункционална и недоследна примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик“, министерот за култура Зоран Љутков, се обиде да ја пренасочи дебатата на теми што немаат врска со примената на законот за македонски јазик.

Еден од тие обиди беше манипулацијата со лекторатите по македонски јазик, кога потенцираше дека во моментов функционираат 12 лекторати по македонски јазик во 11 земји.

Сите тие се отворени многу пред времето на Љутков, а во последните три години се отворени лекторати во Тирана, Нитра (Словачка) и во Неапол.

Но, за волја на вистината, лекторатите во Тирана и Неапол се возобновени, а не нови. Оној во Тирана е одамна отворен, нo пред 8 години беше ставен на пауза за да се рестартира во јануари 2024 година, кога Љутков уште беше во опозиција.

И лекторатот во Неапол е возобновен и започна повторно со работа во април оваа година. Треба да се нотира дека тој лекторат започна да работи во 1969 година, како еден од најстарите лекторати по македонски јазик во странство, во најдобрите години за афирамција на македонскиот јазик кога се отворија најголемиот број лекторати.

Единствено како нов е лекторатот во Нитра, на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во овој град во Словачка.

Но, дури и тој единствен како нов, на ниту еден начин не е заслуга на министерот за култура Зоран Љутков, од едноставна причина што не се во негова надлежност и тој со нив нема никаква врска.

Надлежно, во однос на финансирањето е Министерството за образование и наука, а во однос на научно-стручната поддршка Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“, односно Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Оттаму (зло)употребата на лекторатите по македонски јазик за да се покрие катастрофата со примената на законот за македонски јазик, што е во надлежност на Министерството за култура, е чиста манипулација и обид да се одврати вниманието од реалната состојба.

Во немоќта да се одбрани од неспособноста да се стави во живот законот за македонски јазик, Љутков и неговиот тим на надзорната расправа отидоа во апсурд кога како нивен придонес за работата на Инспекторатот за контрола на примената на законот истакнаа дека обезбедила работни маси, столчиња и половен автомобил.

За да резимираме, сега функционираат 12 лекторати каде што се изучува македонскиот јазик, а во десет држави се студира македонски јазик. Лекторати за македонски јазик има во Турција, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Унгарија, Франција, Русија,  Албанија, Словачка, Италија и Кина.

Најсилни се лекторати во Истанбул и во Риека, каде што има најголем број студенти што го изучуваат македонскиот јазик, а најстари се оние во Букурешт и во Париз. Центри, пак, во кои може да се изучува македонскиот јазик има во Велика Британија, Канада, САД, Полска, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Хрватска и Чешка.

На филозофските факултети во Љубљана и во Загреб, како и на универзитетот „Ломоносов“ во Москва, македонски јазик може да се изучува како прв модул, или под А.

Во светот македонски јазик и книжевност изучуваат околу 200 студенти на лекторатите.

Најчитано