Македонскиот филм “М“, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на Фокус Покус, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
“Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, подеднакво визуелно и тематски. Филм кој не’ остава со надеж, но и скршено срце“ – беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хорор. “Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
“М“ не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде “М“ ќе ги има својата холандска и финска премиера – во рамките на официјалните селекции на фестивалот “Eastern Neighbors” во Хаг и Интернационалниот Скандинавски Филмски Фестивал во Хелсинки.