Друштвото на филмските работници на Македонија извести дека починал Игор Нола, хрватски филмски продуцент кој остави длабоки траги во македонскиот филм.
Во соопштението се вели:
Со голема тага ја примивме веста за смртта на Игор А. Нола, истакнат хрватски филмски продуцент, наш колега и пријател.
Во својата богата, четиридецениска меѓународна кариера, Нола работеше на повеќе од 60 филмски и телевизиски остварувања. Значаен дел од својот професионален живот помина во Скопје, каде што од 1994 до 1998 година беше директор на продукција во „Вардар филм“.
Остави значајна трага во македонската кинематографија, работејќи на филмовите „Џипси меџик“, „Преку езерото“, „Како лош сон“, „Превртено“, „Лазар“ и „Ослободување на Скопје“.
Неговата импресивна меѓународна филмографија ги вклучува и „Welcome to Sarajevo“, „The Peacemaker“, „The Whistleblower“, „The Parade“, „Goltzius and the Pelican Company“ на Питер Гринавеј, „Diana“, „Sparrows“ – добитник на Златната школка во Сан Себастијан, „Hitman’s Wife’s Bodyguard“ и „Speak No Evil“.
Ќе го паметиме како исклучителен филмски професионалец, драг колега и голем пријател на македонскиот филм.

