Повеќе од 66 години, Валери Смит од Норвич, Англија, чувала предмет во својата градина за кој верувала дека е само „обична граната“, и кој со текот на времето станал необична „атракција“ на соседските собири, пишува Би-Би-Си.
Нејзиниот син го донел предметот дома кога бил дете, а потоа со години стоел потпрен на барака во дворот.
На скари и дружења, гостите го земале во раце и си го подавале еден на друг, како некаква необична играчка.
Валери Смит, сега 87-годишна, вели дека не гледа причина за загриженост бидејќи нејзиниот покоен сопруг, поранешен војник, го прегледал предметот пред години и заклучил дека е „само граната“.

Сепак, на 26 мај 2026 година, градинар го забележал предметот и ја известил полицијата, по што жителите на таа улица во Норвич биле итно евакуирани.
Кога полицајците ја замолиле да го напушти домот, Смит одбила.
„Реков: „Не, жал ми е, нема да го сторам тоа. Живеам со тоа повеќе од 60 години, ќе останам“, рече таа.
Бомбата ја забележал Јуан Бернард, студент по биохемија на Универзитетот во Источна Англија, кој во тоа време работел како градинар.

Додека ја кроел живата ограда и отстранувал капини во дворот на Валерија, 24-годишникот забележал ‘рѓосан предмет долг околу 50 сантиметри, кој, како што вели, „изгледал како минофрлач“.
Откако се обидел да го тргне тешкиот предмет од сонцето, решил дека може да биде доста опасен и веднаш ја повикал полицијата.
Кога Валери дознала што направил, не била ни малку воодушевена.
„Го искарав тој млад човек“, рече таа.
Додаде дека никогаш не се грижела дека има експлозивна направа во нејзината градина.
Темата не ѝ била особено интересна дури ни кога нејзиниот син ѝ ја покажал пред многу децении, па затоа му ја оставила на сопругот да се справи со неа.
„Не се грижев сите овие години, не се грижев ни вчера.“
„Додека воениот експерт беше во градината, излегов во градината и тој рече: „Ќе го завршиме веднаш.“
„Му реков: „Нема да ме повреди, нема ништо лошо во тоа““, рече Валери.
Откако беше безбедно детонирана на заштитена локација, полицијата објави дека станува збор за бомба за вежби која, наместо експлозиви, беше исполнета со сигнални ракети за да ја означи целта.

Студентот рече дека долго време се обидувал да остане смирен кога сфатил дека она што го пронашол може да биде опасно.
„Не би сакал повторно да наидам на нешто такво, тоа е сигурно“, додава тој.
Сепак, Валери Смит вели дека ѝ е жал што предметот бил отстранет.
Таа вели дека ја чувала бомбата до бараката за да може секој што сакал да ја види.
„Луѓето велеа: „Ова е прекрасно, од каде го набавивте тоа?“ Дали е безбедно?“
„Сите ја допираа и зборуваа за неа како за атракција.“
„Секогаш кога некој ќе дојдеше, ја прашував: „Дали сакаш да ја видиш бомбата?“ вели Валери.
