Колку паметни се паметните очила ако се закана за приватноста и за безбедноста на децата?

паметните очила

Камера скриена во рамката на очилата, микрофони што постојано слушаат и вештачка интелигенција што препознава лица, предмети и разговори. Паметните очила веќе не се научна фантастика. Но, со нив доаѓа и едно ново прашање: дали секое дете може незабележливо да биде снимано во училиште, на улица или на игралиште?

Паметните очила, како моделите што ги развиваат Meta, Ray-Ban, Google и други компании, се претставуваат како следната голема технолошка револуција. Тие овозможуваат фотографирање, снимање видео, телефонски разговори, превод во живо и користење на вештачка интелигенција без да се вади мобилен телефон од џеб.

Но, додека технолошките компании зборуваат за иднината, експертите за приватност предупредуваат дека иднината веќе пристигнала – и дека законите не се подготвени за неа.

Камера што речиси никој не ја забележува

Најголемата разлика меѓу мобилниот телефон и паметните очила е што кај телефонот речиси секој може да забележи кога некој снима.

Кај очилата тоа е многу потешко.

Камерата е вградена во рамката, а снимањето може да започне со едноставен допир или гласовна команда.

Иако производителите вградуваат мало ЛЕД-светло што треба да сигнализира дека камерата снима, експертите предупредуваат дека тоа лесно може да остане незабележано, особено на дневна светлина или во динамична средина.

Најголемата грижа се децата

Токму затоа децата стануваат најизложени имајќи ги предвид предаторите на улиците, игралиштата, па дури и во дворовите на училиштата. Тие сега, со паметни очила, может слободно да шетаат меѓу нив и да ги снимаат. Потоа тие снимки лесно ситгнуваат до „мрачниот интернет“ каде што се тргува со нив.

И училиштата стануваат едно од местата каде што најмногу се отвора или треба да се отвори ова прашање.

Замислете ученик што носи паметни очила.

Тој може, без да привлекува внимание, да снима соученици, наставници или разговори во училница.

Таквите снимки потоа за неколку секунди можат да завршат на TikTok, Instagram или други социјални мрежи.

Психолозите веќе силно предупредуваат дека ова отвора нов простор за дигитално насилство, понижување и злоупотреба на деца.

Вештачката интелигенција го зголемува ризикот

Новите генерации паметни очила не се само камери.

Тие користат вештачка интелигенција која може да препознава предмети, да анализира што гледа корисникот и да дава информации во реално време.

Експертите предупредуваат дека идните верзии би можеле да имаат уште помоќни можности, што дополнително ќе ја отвори дебатата за приватноста и обработката на личните податоци.

Како реагира светот?

Во повеќе држави веќе се водат дебати дали паметните очила треба да бидат ограничени во училиштата, болниците, судовите и други јавни институции.

Некои училишта веќе ги третираат исто како мобилните телефони и забрануваат нивно користење за време на наставата.

Европските регулатори за заштита на личните податоци, исто така, предупредуваат дека технологиите за скриено снимање мора да се користат во согласност со строгите правила за приватност пропишани со Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR).

Што вели македонското законодавство?

Во Северна Македонија сè уште не постојат посебни правила што се однесуваат на паметните очила.

Тоа значи дека тие се третираат според постојните прописи за заштита на личните податоци, приватноста и евентуално неовластеното снимање.

Но, правниците предупредуваат дека овие закони се донесени во време кога ваквата технологија не постоела.

Затоа се поставува прашањето дали е потребна нова регулатива што ќе ги опфати уредите кои можат незабележливо да снимаат и обработуваат лични податоци.

Технологијата не е опасна – злоупотребата е

Паметните очила сами по себе не се незаконски ниту опасни.

Тие можат да бидат корисни за лица со попреченост, за новинари, спасувачи, туристи и многу други професии.

Но, истата технологија може да стане средство за нарушување на приватноста ако се користи без знаење и согласност на луѓето што се снимаат.

Ако веќе паметните очила се очекува многу бргу да бидат дел од секојдневието, дали општеството, училиштата и законите ќе успеат навреме да ги постават границите на нивната употреба.

Најчитано