Во близина на Пула, во Хрватска, се наоѓа објект што го користела Титовата војска, ЈНА, како една од најстрого чуваните тајни на поранешна Југославија.
Авантуристот и фотограф Ален Банковиќ го посетил складиштето на мини и торпеда на полуостровот Музил во Пула. Тој подземен лавиринт изграден уште за време на Австроунгарската монархија, но својата вистинска функција ја добил за време на поранешна Југославија.
Бројни раскрсници и коси премини
Комплексот служел како складиште за подводни мини и торпеда, додека тунелите се поврзани со теснолиниска железница со военото пристаниште во заливот Смоквица. Тунелите се особено интересни поради бројните раскрсници и коси премини.

Во комплексот има простории кои некогаш служеле како работни простории за војници, простории за агрегати и работилници. Исто така, има просторија со систем за вентилација и контролен панел за регулирање на вентилацијата и греењето.
Информативните таблички на уредите се напишани на италијански јазик, што укажува на можноста одредени делови од комплексот да се додадени за време на периодот на италијанската администрација, објавува Dnevno.hr.
Југословенската народна армија (ЈНА) ја напушти Пула, областа Музил и подземниот магацин во 1991 година. Во текот на следните години, комплексот беше затворен за јавноста, но постепено истражувачите и љубителите на напуштени згради почнаа да го откриваат.
„Тишината во тунелите е речиси морничава“
„Додека повеќето туристи во Пула уживаат во убавината на амфитеатарот и крајбрежјето, јас барам нешто сосема поинакво – скриени, напуштени и заборавени места. Овој пат, заедно со мојот пријател Златко, истражував една од најдобро чуваните воени тајни на поранешна Југославија – подземно складиште на мини и торпеда на полуостровот Музил“, опиша Банковиќ и додаде:
„Музил беше затворен за јавноста со децении, а неговиот комплекс сè уште остава впечаток на место од друго време. Наоѓањето на влезот не беше лесно, но кога конечно влеговме, нè пречека подземен лавиринт. Тесни ходници, масивни врати отпорни на експлозии и огромни простории каде што се складираа торпеда се сè уште таму денес, покриени само со трагите на времето. Овој магацин беше од исклучително стратешко значење. Изграден е за потребите на морнарицата, а посебно внимание се посветуваше на тоа да биде незабележлив и отпорен на напади“, објаснува авторот на видеото.

Банковиќ додаде дека комплексот може да издржи дури и многу моќни експлозии.
„Додека денес минуваме низ овие пусти соби, тешко е да не се почувствува присуството на минатото. Тишината во тунелите е речиси морничава. Светлината на нашите ламби ги осветлува ѕидовите на кои нема траги од влага, а ехото од секој чекор нè потсетува колку сме далеку од надворешниот свет. Токму оваа атмосфера го прави истражувањето на вакви места толку возбудливо. Сознанието дека шетаме низ некогаш строго чувани воени објекти, кои денес се оставени на забот на времето, му дава посебна тежина на секој чекор“, заклучува Банковиќ.
