Насилството за време на протестите во Тирана се прошири и врз образовни институции и приватни бизниси во комплексот на Пирамидата, еден од најпрепознатливите објекти во албанската престолнина. Демонстранти кршеа стакла, оштетуваа деловни простории и предизвикуваа пожари, а меѓу нападнатите објекти е и „Cube“, каде што се наоѓа претставништвото на College of Europe.
Според албанските медиуми „Panorama“, „Pamfleti“ и „Shqiptarja.com“, група демонстранти по судирите со полицијата пред седиштето на Владата се упатила кон Пирамидата, на булеварот „Dëshmorët e Kombit“. Таму биле искршени стаклата на повеќе деловни објекти, оштетени влезови, а во дел од просториите биле предизвикани пожари.
Меѓу нападнатите објекти е и „Cube“, во кој се наоѓа претставништвото на College of Europe во близина на Пирамидата. Според информации на Рацин.мк, демонстрантите најпрво ги искршиле стаклата на објектот, а потоа фрлиле запаливи предмети во внатрешноста, предизвикувајќи пожар. Засега нема официјална проценка на материјалната штета.
Нападите не биле ограничени само на овој објект. Албанските медиуми известуваат дека биле оштетени и други деловни простории во комплексот, а дел од нив биле зафатени од пожар. На снимките објавени од местото на настанот се гледаат искршени стакла и оштетувања на објектите.
Пирамидата има посебно место во поновата историја на Тирана. Изградена во 1988 година како музеј посветен на комунистичкиот лидер Енвер Хоџа, по обемната реконструкција беше претворена во образовен, културен и технолошки центар. Денес во комплексот работат образовни организации, технолошки иницијативи, угостителски објекти и приватни компании.
Просторот беше замислен како место за младите, знаењето и новите технологии, па нападите врз него се случуваат во период кога студентите изразуваат незадоволство од условите за образование и можностите што им се нудат на младите во Албанија.
College of Europe е европска институција за постдипломски студии, основана во 1949 година , со кампуси во Бриж, Натолин, а во Тирана започна со работа во 2024 година. Присуство во албанската престолнина е поврзано со образованието за европска интеграција и подготовката на идни кадри за јавната администрација и меѓународните институции.
Насилството кај Пирамидата следуваше по ескалацијата на протестите во Тирана, во кои покрај антивладините барања се отворија и прашања за високите трошоци за образование, условите на универзитетите и недоволната финансиска поддршка за студентите.
Во текот на протестите беа нападнати и државни институции, банкарски експозитури и други објекти во центарот на Тирана. Полицијата интервенираше со солзавец и водени топови, додека дел од демонстрантите фрлаа камења и запаливи предмети.
Албанската влада го осуди насилството и порача дека правото на протест не може да биде оправдување за уништување јавен и приватен имот.
Засега нема целосни информации за материјалната штета во комплексот на Пирамидата, ниту официјално објаснување зошто биле нападнати конкретните деловни и образовни објекти.

