Научниците открија „пат“ на дното на Пацификот, изгледа како влез во подводен град

На прв поглед изгледа како нешто што не би требало да постои на дното на океанот. Правилно распоредени жолтеникави блокови, разделени со речиси совршени агли, создаваат впечаток на поплочен пат кој води кон некаков одамна потонат град. Токму таква глетка затекнаа истражувачите на дното на Тихиот Океан, северно од Хаваите.

Откритието го направи екипажот на истражувачкиот брод „Nautilus“ во 2022 година, при истражување на подводниот гребен Лилиуокалани во рамките на морскиот национален споменик Папаханаумокуакеа. Снимката повторно привлече внимание откако почна да се споделува на социјалните мрежи.

Кога камерите на подводното возило се приближиле до необичната формација, дури и научниците биле изненадени од она што го гледаат.

Еден од членовите на тимот на шега го нарекол „патот до Атлантида“, друг забележал дека изгледа како „пат од жолти тули“, а целата сцена веднаш потсетила на нешто создадено од човечка рака.

Но зад необичната глетка не се крие изгубена цивилизација.

Истражувачите утврдиле дека станува збор за природна вулканска формација. Површината е создадена од вулкански материјал кој со текот на времето се распукал во правилни форми. Карактеристичните пукнатини под агол од околу 90 степени најверојатно се последица на повеќекратно загревање и ладење на карпата при древни вулкански ерупции.

Токму тие процеси создале блокови кои од камерата изгледаат како внимателно поставени камени или жолти тули.

Формацијата се наоѓа кај подводната планина Нутка, дел од стар синџир на вулкански возвишенија. Истражувачите таму проучуваат вулкански карпи, минерални наслаги и животот кој се развива на овие речиси недопрени делови од океанското дно.

Областа е една од најслабо истражените на планетата. Во времето кога била направена снимката, само мал дел од морското дно во огромниот заштитен регион бил детално истражен, што значи дека научниците очекуваат уште многу необични геолошки откритија.

Иако „патот“ не води кон Атлантида или кон подводен град, неговото откривање е важно за науката. Формата на карпите им овозможува на геолозите подобро да ги реконструираат древните вулкански процеси кои го обликувале дното на Пацификот.

Снимката сепак останува една од оние ретки сцени во кои природата создава нешто што изгледа речиси премногу правилно за да биде природно.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?